Македонија
СДСМ со митинг во Битола, ВМРО-ДПМНЕ во Охрид – почнува кампањата за локалните избори

Од денеска почнува изборната кампања за локалните избори, кои се закажани на 17 октомври.
Кампањата за првиот круг ќе заврши на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата ќе трае до 24 часот на 29 октомври.
Вкупно 1.824.864 граѓани ќе може да гласаат.
Караванот „Најдоброто за мојата општина“ на владејачкиот СДСМ од денеска ја почнува изборната кампања со централен настан, кој е закажан во Битола во 20 часот. СДСМ своите активности ќе ги заврши на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово. Од партијата најавија дека со својата кадровска и програмска понуда, во овие денови ќе ја посетат секоја општина.
„Со реализираните проекти зад себе, со најдобрата понуда, со најголемиот коалициски капацитет, ‘Најдоброто за мојата општина’ е изразит фаворит, победник на овие локални избори, затоа што граѓаните ќе дадат поддршка за концептот што води напред и е гарант за да продолжи развојот на општините“, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, која на претстојните локални избори ќе настапи со слоганот „Создади нова иднина“, кампањата ќе ја почне со митинг во Охрид, од античкиот театар во 18 часот. Во вторник ќе продолжат во Вевчани, Дебрца, Струга, Ресен. Изборната кампања за првиот круг ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши во Штип на 15 октомври.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) кампањата за претстојните локални избори ќе ја почне од Гостивар, а тоа е градот и каде што и ќе ја заврши.
„Го слушнавме гласот на граѓаните на Гостивар, кои бараат промена во општинската администрација и ослободување од кучињата скитници, казината, чадот од Русино, густиот сообраќај, недостигот на паркинзи и од неспособноста на Таравари“, истакнаа од ДУИ, од каде што повикаа на фер и демократска кампања.
Државната изборна комисија (ДИК) потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.