Македонија
Стејт департментот: Останува проблемот со неказнивост на нападите врз новинарите во Северна Македонија

Северна Македонија постигна напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување. Сепак, сè уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, се наведува во извештајот на Стејт департментот за 2019 година за почитување на човековите права во Северна Македонија.
Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) наведуваат дека во извештајот се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и истакнат е проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите. „Во дел од извештајот се цитира и говорот на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, кој го одржа на Глобалната конференција за слобода на медиумите во Лондон каде тој истакна дека неказнувањето на случаите на напади врз новинарите останува голем проблем, како и нарушувањата на слободата на изразувањето. ‘Според Здружението на новинари, Министерството за внатрешни работи ги завршило истрагите во сите 12 случаи на напади врз новинари од 2017 година, но сепак не е преземено понатамошно дејствување за нив освен во еден случај’, се вели во извештајот“, објави ЗНМ.
Нотирана е и реакцијата на новинарските здруженија (ЗНМ, ССНМ и СЕММ) во јули 2018 година кои се спротивставија на платеното политичко рекламирање за време на изборни кампањи да се финансира со јавни пари од граѓаните и наведено е дека оттогаш Владата не преземала никакви мерки за да го адресира ова прашање.
Посебно внимание во овој извештај на Стејт департментот, велат од ЗНМ, имаат и заканите, етикетирањата и заплашувањата на новинарите од страна на политичарите. „Во тој контекст истакнати се цитати од реакциите на ЗНМ и на високи претставници на Европската комисија во насока дека тоа може да доведе до самоцензура, повикувајќи ги властите да покажат нулта толеранција за нападите и заканите врз новинарите. И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија останува веродостоен партнер на Стејт департментот. Во извештајот дури осум пати се спомнува ЗНМ како референтна организација“, соопштија од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.