Македонија
Стоилковски: Одлуката на Уставниот суд за аболицијата е политичка, а не правна

Одлуката на Уставниот суд да ја отвори иницијативата за аболицијата во овој момент е политичка, а не е правна, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Според него, само на политичар кој што е аболициран за тежок криминал, може да му текне да ја злоупотреби аболицијата во овој момент.
„ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против амнестии и против аболиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи амнестии и аболиции. Доколку Заев продолжи со неговиот план и ги разгневи граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нив на протести“, рече Стоилковски.
Тој што избегал од правдата на нечесен начин, рече Стоилковски, со измама и со тоа дошол на власт, на ист начин, шверцерски повторно ќе се обиде да ги измами граѓаните и тоа е суштината на овој театар што го сервира деновиве Уставниот суд со темпирано отворање на иницијативата за разгледување на уставноста на член 11-а од Законот за помилување.
„Стотици иницијативи за многу посуштински закони кои што имаат огромно влијание на секојдневното живеење на граѓаните во Република Македонија со години се чуваат во фиока, но Уставниот суд одлучи дека токму оваа иницијатива, после цели три ипол години добива приоритет и треба да добие приоритет баш во ова време. Гледаме дека дури и самиот подносител на оваа иницијатива е зачуден како уставните судии одлучиле да ја земат да работат токму оваа иницијатива, токму во овој момент, иако самиот вели дека во исто време поднел пет иницијативи“, рече Стоилковски.
Според него, намерата е наместо да се говори за аферата „Кеш“ и за случајот „Рекет“ кој наскоро влегува во судска процедура, јавноста повторно да се занимава со одлуките на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.
„Наместо да се отвораат актуелните криминали на Зоран Заев и на власта за „Рекет 2“, набавката на хеликоптери, крвавите тендери на Венко Филипче, и десетици други криминални скандали, граѓаните треба да се враќаат четири години назад и да не гледаат како во моментов се ограбувани и граѓаните и буџетот. Политичката намера е премногу јасна“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.