Македонија
Сугарески: Ќе се гради експресен пат Битола – Меџитлија
Развојот на Пелагонискиот Регион е многу значаен за целата држава и поради тоа во овој момент инвестираме над 18 милиони евра во рехабилитација на патиштата. Периодов нашиот фокус е ставен на подготовки за изградба на експресен пат од Битола до Меџитлија и изградба на автопат од Прилеп до Битола, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешниот увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Битола – Демир Хисар.
Како што потенцира министерот Сугарески, градежните активности во целата држава се одвиваат со засилен интензитет и се очекува силен скок на реализација на капиталните инвестиции во вториот и третиот квартал.
„Капиталните инвестиции се врвен приоритет. Во ресорот транспорт тие се реализираат со добра динамика. Имаме над 30 отсто реализација во патиштата, над 36 отсто во гасоводот, во делот на комуналната сфера исто така има силен интензитет на реализација, така што реално очекувам во вториот и во третиот квартал да имаме голем скок на капиталните инвестиции“, изјави Сугарески.
Во однос на изградбата на експресен пат Битола – Меџитлија, министерот нагласи дека во тек е изработка на проектната документација која се очекува да биде готова в година по што веднаш ќе се почне со изградба. Што се однесува на автопатското решение од Прилеп до Битола, се очекува оваа година ЈП за државни патишта да распише јавен повик за изработка на проектна документација.
Министерот Сугарески истакна и дека изградбата на магистралниот гасовод од Неготино до Битола се одвива со забрзано темпо, со што очекувањата се до крајот на годината овој крак да биде завршен. Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека рехабилитацијата на патниот правец Битола – Демир Хисар се одвива со силно темпо и ќе се заврши во август, а инвестицијата е во вредност од 1 милион евра.
„Освен овој пат, оваа есен ќе продолжиме со рехабилитација на преостанатиот пат од Битола до Кичево. Ќе го реконструираме и постојниот пат од Битола до Меџитлија, а приближно овој период следната година ќе заврши проектирањето за изградба на нов експресен пат. Исто така, ќе се реконструира уште еден многу значаен патен правец за овој регион, регионалниот пат Битола – Тополчани – Прилеп, а во тек е и јавен повик за поставување заштитна ограда на обиколницата на Битола. Генерално, може слободно да кажам дека оваа Влада досега најмногу вложува во Пелагонискиот Регион“, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, истакна дека ова е пример како треба да соработуваат локалната и централната власт и потенцира дека развојот на Пелагонија директно зависи од инвестициите што Владата ги реализира во овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

