Македонија
Судиите со остра критика до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата на добро однесување
Судиите упатија остра критика до премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговите изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор. Тие велат дека неговите коментари ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Господине премиере, веќе подолго време Вашите коментари, кои ги давате за судиите и судството, ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во јавното писмо упатено до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и од Здружението на судиите.
Во него се наведува дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму, велат судиите, нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, се наведува во соопштението.
Судиите исто така наведуваат дека последниот извештај на ЕК јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која, како што велат, е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми што државата мора да ги поправи бидејќи тие се суштински за европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти – судската, законодавната и извршната. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, се наведува во соопштението од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите.
Мицкоски вчера изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и Обвинителството. Тој порача дека главната реформа во овие закони е токму зголемувањето на платите, што, според него, е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека в година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг поради задолжувањата од минатото и дека покрај тоа, треба да обезбеди пари за плати, пензии и за социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги удвоиме платите на судиите и на обвинителите – нека кажат. Еве јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуваат и да судат според законите“, изјави премиерот додавајќи дека нема да поддржи реформи, чија суштина е само финансиско зголемување, и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

