Македонија
Судиите ќе ги образложат оставките пред колегите од Судскиот совет
Судиите Мирјана Радевска Стефкова и Зоран Герасимовски денес ќе ги образложат оставките пред колегите од Судскиот совет, а се очекува на седницата да се избере и заменик на Селим Адеми.
Герасимовски е апелациски судија, а Радевска-Стефкова е врховна судијка. Тие поднесоа оставки пред два дена во време кога невладините организации побараа Судскиот совет да се самораспушти бидејќи ја урнисува довербата во правосудството преку секојдневните расправии и начинот на кој ги носат одлуките.
Судскиот совет во последниот месец е цел на негативни критики и од страна на меѓународната заедница откако поранешната претседателка Весна Дамева на 26 април беше разрешена од функцијата. На седницата на Судскиот совет дојде до расправија кога Дамева одби да стави точка на гласање што ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика да се гласа за нејзино разрешување. Го поддржаа седум члена и тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
По скандалот, реакција стигна и од амбасадата на САД. Од таму за „Макфакс“ посочија дека членовите на Советот имаат задача да изградат независен судски сектор.
По оставките на двајцата судии, коалицијата „Сите за правично судење“ ги повика и другите членови да си поднесат оставки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

