Македонија
Судот во Стразбур ѝ наложи на Македонија да им исплати надомест на Роми малтретирани од страна на полицијата

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист на двајца тужители Роми, застапувани од страна на Европскиот центар за права на Ромите (ЕЦПР), кои биле малтретирани додека биле малолетни од страна на полицијата во Скопје во 2014 година.
„Судот ѝ наложи на Владата на Северна Македонија да им исплати на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три и од деветнаесет години, износ од 7.500 евра, и тоа поединечно“, се наведува во соопштението на ЕЦПР.
Претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ, рече дека е вознемирувачки да се види дека правдата за овие деца очигледно не може да се добие во Северна Македонија.
„Познато ни е дека овој вид расистичко насилство се случува постојано, но правосудниот систем, полицијата, јавниот обвинител во оваа држава се така институционално расистички, што дури и кога деца се апсени и претепувани од страна на расистички полицајци, институциите не може ниту да спроведат успешна истрага против нивните сопствени службеници. Ромите треба да бараат потпора од судот во Стразбург за воопшто да добијат каков било вид правда“, веи Јовановиќ.
Предметот се однесува на инцидент од 19 мај 2014 година. Тужителите тогаш биле на возраст од 16 и 13 години.
Полициските службеници, припадници на „алфите“, барале двајца силеџии, кои биле пријавени дека нападнале и ограбиле дваесетгодишна жена и кои биле опишани како мажи со темен тен на возраст помеѓу 16 и 18 години. Подоцна, полициска патрола ги пронашла двајцата малолетници, веднаш напаѓајќи ги на улицата, пред да го однесат шестнаесетгодишниот во полициски притвор во Полициската станица Центар. Во полициската станица шеснаесетгодишното момче било наводно дополнително тепано неколку часа од страна на службениците до момент кога татко му бил повикан во станицата и на момчето му било кажано „најди ја чантата или ќе те убијам пред татко ти“. Под закана тој потпишал признание дека тој украл рачна чанта од дваесетгодишна жена претходно истата вечер. Тринаесетгодишното момче исто така изјавило дека полициските службеници му удирале шлаканици по лицето и на улицата му извикувале: „Вие Цигани, вие лажете и крадете!“
По инцидентот, полицијата негирала каков било наводен престап сторен од страна на службениците изјавувајќи дека полициските службеници не ги пречекориле своите овластувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.