Македонија
Судот ѝ го одзеде пасошот на претседателката на антикорупциската комисија, која споделувала службени тајни на „Вибер“
На претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, одземен ѝ e пасошот откога Кривичниот суд го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост како осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“.
Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и на неговото семејство.
Судот определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети.
За првоосоничениот Б. Н., кој се товари за злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавни набавки и перење пари, определена е мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Кривичниот суд.
И за осомничената Б. П. М. определени се мерки за претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело.
Против овие решенија странките имаат право на жалба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
