Македонија
СЈО: Латас бил свесен за кривичното дело, градел куќи во Зелениково без одобренија
Oбвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ ги извршиле кривичните дела за кои се обвинуваат со умисла, бидејќи биле свесни дека ги градат куќите во Зелениково без одобренија за градење, биле свесни за забранетоста на таквите дејствија и дури биле свесни дека куќите можат да им бидат срушени затоа што ги граделе бесправно, но сепак продолжиле со градење на истите, рече обвинителката Елизабета Јосифовска на денешните завршни зборови за случајот „Тревник“.
„Свесно, во барањата за одобренија за градење кои ги поднеле до општина Зелениково на 12.12.2012 година го прикриле фактот дека куќите, за кои барале одобренија за градење, се веќе изградени. Формално правно добиле одобренија за градење на нови објекти, според кои требало да започнат со градба на објектите во рок од две години по правосилноста на издадените одобренија за градење. Според изведените докази, во времето на издавањето на овие одобренија, 24.01.2013 година, куќите биле веќе изградени“, рече Јосифовска.
Одбраната во текот на постапката повеќепати потенцираше дека во државата постојат голем број бесправно изградени објекти за кои не се поведени кривични постапки. На ова обвинителката изјави дека во никој случај тоа не може да биде основ за неказнување на обвинетите во овој случај ниту, пак, да биде оправдување за нивното постапување.
„Врз основа на сè што кажав досега, сметам дека обвинителството, со доказите изведени во текот на главната расправа, докажа надвор од секакво разумно сомневање дека обвинетите Драган, Срѓан и Звездан Павловиќ сториле по едно кривично дело бесправно градење од чл.244-а ст.1 од КЗ и барам од вас, почитувани судија и членови на Советот, да донесете пресуда со која ќе ги огласите обвинетите за виновни и ќе ги осудите на казни согласно законот, а при тоа да ги иматео предвид сите околности кои влијаат врз висината на казната, а барам и примена на одредбата од чл.244-а ст.6 од Кривичниот законик за одземање на бесправно изградените недвижности“, рече Јосифовска.
Драган Павловиќ Латас, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ, се обвинети за бесправно градење. Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, обвинетиот Латас со правното лице Диз Оил Групација Скопје, како изведувач, во текот на месеците мај и јуни 2011 година склучил три договори за изведување на градежно занатски работи на објект во Зелениково.
Договорот од 19.05.2011 година, според понудата која е негов составен дел, се однесува за набавка и монтажа на павер елементи за ограден ѕид и пристапен пат, во вредност од 1.414.500,00 денари.
Договорот од 06.06.2011 година, според понудата како составен дел, се однесува на рамнење на терен, ископи на земја за темели на потпорни ѕидови, за базен и стаклена градина, вградување на бетон и слично, сѐ во вредност од 1.860.000,00 денари.
Договор бр.176/11 од 22.06.2011 година, според понудата бр.2012/30 која е негов составен дел, се однесува на изградба на индивидуален станбен објект – карабина – со бруто површина од 350 м2. Изведувачот се обврзал да започне со изведување на работите веднаш по склучувањето на договорот и воведување во работа и да ги заврши во рок од 90 работни дена. Вредноста на работите, според договорот е 3.013.500,00 денари, а во членот 7 е предвидено дека ќе се исплатат 861.000,00 денари како аванс, 920.000,00 денари со започнување на градежните активности, а остатокот со текот на градење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

