Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
„Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока, министерот Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката“, соопшти Министерството.
Во телефонскиот разговор станало збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, било потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, била нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Сообраќајот на патот Скопје – Штип е во целосен прекин поради запалено товарно возило
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Лидерска средба за техничката влада, СДСМ одби да учествува
Во Клубот на пратениците денеска треба да се одржи лидерска средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
На средбата треба да се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања.
СДСМ одби да учествува на средбата. Левица најави присуство, како и коалициските партнери во Владата – ЗНАМ и и ВРЕДИ.
Вчера попладне, своето присуство го потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, ја одби поканата со образложение дека се против тоа во иднина да нема техничка влада која, како што образложи е гаранција за фер избори, а дека за реформските закони ќе гласаат во Собрание.

