Македонија
Тетовец со „бмв“ на автопат возел 300 километри на час, казнет со 400 евра

Полицијата казни 24-годишен тетовец, кој на автопат возел со брзина од 300 километри на час.
Според информациите на МВР, полицијата вчера го казнила 24-годишниот Б. Ј. од Тетово, кој со „бмв“, со тетовски регистарски ознаки, околу 12.30 часот, на автопатот Гостивар – Тетово, се движел со брзина од 300 километри на час, а потоа видеото го објавил на социјалната мрежа „Тик-ток“.
Во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, тој треба да плати глоба од 400 евра, а ќе му биде одземена и возачката дозвола до една година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски: Инвестираме во одбраната и армиските капацитети за безбедна држава и сигурни граѓани

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска се обрати на состанокот на Работниот комитет за спроведување на Националната развојна стратегија 2024-2044 година, при што истакна дека изградбата на „сигурно, безбедно и отпорно општество во време на глобални предизвици е од приоритетно значење.
Мисајловски се осврна на развојот на одбранбениот систем и инвестирањето во одбраната кое овозможува интензивно опремување и модернизација на македонската Армија.
„На последниот самит на НАТО, ние – сите 32 земји членки едногласно ја донесовме одлуката која ќе значи посилна одбраната. Во следниве 10 години, односно до 2035 година инвестициите во одбраната да го достигнат нивото од 3,5% од БДП, и дополнително инвестирање од 1,5% од БДП во активности и проекти поврзани со одбраната како што се инфраструктура, кризен менаџмент, сајбер-безбедност“, рече министерот.
Мисајловски додаде дека веќе „интензивно се работи на проекции на зголемување на буџетот на одбраната“, што значи и поголеми инвестиции во одбранбениот сектор.
Во однос на стратешките документи, министерот информираше дека во процес на донесување е Националната стратегија за безбедност, што, рече, е основа за ажурирање на останатите стратешки документи и тоа Стратегијата за одбрана и плановите за одбранбени способности.
Одбраната не е изолиран сектор, туку е еден поширок систем на општествена отпорност, подвлече министерот, и додаде дека „од особена важност е вклучувањето на сите релевантни фактори во справувањето со денешните закани, како од институциите, така и од академската заедница, приватниот сектор, невладините организации, медиумите, како и континуирано продлабочување на регионалната соработка и соработката во НАТО и ЕУ контекст.“
На работниот состанок присуствуваше и заменикот претседател на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски, како и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставници на UNDP, професори од државниот универзитет во Аризона, претставници на институции, локалните самоуправи, граѓанскиот и бизнис сектор.
Македонија
Николоски: Ќе се гради автопатот од Прилеп до Фариш, заедно со идниот градоначалник Проданоски ќе ги продолжиме инфраструктурните проекти

Еве сме на почетокот на кампањата за локалните избори, сакав да дојдам денеска тука во Прилеп, за заеднички да ја стартуваме кампањата, да посакам фер кампања, достоинствена кампања, да можат граѓаните да ги слушнат и нашите пораки и пораките на нашите опоненти за да споредат што е она што ние имаме да го понудиме и што е она што последниот период го размислуваат нашите политички опоненти и да направат најдобар избор, и апсолутно сме убедени во голема победа на овие локални избори, мислам дека тука во Прилеп ќе имаме огромна победа затоа што имаме советничка листа и кандидат за градоначалник коишто се докажани, луѓе коишто се од своите места, луѓе коишто многу добро ги познаваат граѓаните, и знаат многу добро кои се и знаат дека она што го има во програмата ќе го реализираат, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Во изминативе година и неколку месеци како сме централна власт се обидовме максимално да помогнеме, дали се работи за големите инфраструктурни проекти, се заврши експресниот пат којшто оди од Градско преку Дреново до Фариш, што со години беше запоставено и не се работеше, и се пушти во функција, исто така активно работиме на изградба на големиот автопат од Прилеп до Битола, а правиме планови и за многу брзо време ќе почнеме да работиме и онаму каде што сега завршува експресниот пат, тоа е од Фариш до онаму каде што почнува автопатот а тоа е влезот, како Прилеп би бил целосно автопатско или со експресен пат поврзан и со главниот глад, и со Коридорот 10 но исто така и со Битола и на тој начин би имал пристап на два големи патни правци, директно поврзување и со соседна Србија но исто така и со соседна Грција, можност за голем инфраструктурен развој, и поддршка на бизнисот“.
Наведе и бројни проекти коишто се во делот на инфраструктурата коишто, како што рече ќе се работат заедно со „новиот градоначалник Дејан Проданоски“.
Убеден сум дека како градоначалник ќе го реализира сето она што ќе го претстави пред граѓаните во следниов период а ќе не има нас како голема поддршка и мене лично како носител во четвртата изборната единица и како ресорен министер, но исто така и премиерот Мицкоски, којшто голем фокус посветува и на Прилеп и на целиот овој регион“.
Македонија
Две опции на овие избори, трета нема, рече Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посета на општина Градско одговори на новинарско прашање во однос на тоа кои се очекувањата од овие избори и истакна дека две се опциите на овие избори, од една страна ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а од друга страна коалицијата СДС- ДУИ- Левица, трета опција нема.
„Што се однесува на изборите, граѓаните на овие избори имаат две опции едната опција е коалицијата СДС ДУИ и Левица тоа е коалицијата Венко Филипче, Али Ахмети, Димитар Апасиев па и да кажев Димитар Заев немаше да биде грешка бидејќи гуруто во позадина е тој на оваа коалиција и тоа е патот оној кој што и 7 години го гледавме. Пат на криминал корупција, национални понижувања неработа, неиспорака тоа е тој пат. И следната опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ тоа е она коешто ние заедно со поддршката која ја имаме од граѓаните изминатите 15 месеци еве веќе 16 месец го работиме, и доколку граѓаните се задоволни од тоа што ние го работиме, јас ги повикувам по сопствена волја да излезат и на изборите на 19 октомври да го дадат својот глас, за онаа опција за којашто сметаат дека е подобра. Ќе повторам две опции се, една опција е коалицијата СДС, ДУИ и Левица, тоа е едната коалиција, едната опција, треба сите да знаат, ако некој мисли дека тоа во обланда се сервира, не, тоа е јавно, јасно профилирана коалиција и втората опција е ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, така што нема трета опција. Трета опција не постои, секој оној којшто со седење дома, со апстинирање ќе казни некого, ќе покаже пркос, или пак ќе испрати некаква порака се лаже. Тогаш тој директно гласа за Венко Филипче, за Али Ахмети и за Димитар Апасиев. Тоа е опцијата од една страна ВМРО-ДПМНЕ коалицијата од друга страна се овој трилинг на асови, Венко Филипче Димитар Апасиев, Али Ахмети тоа е опцијата на овие избори“ истакна Мицкоски.