Македонија
Тошковски го повика Груби да се врати во земјата поради истрагата за Лотарија, кривична и за поранешен премиер
Против осум физички лица поднесени се кривични пријави поради сомнежи за криминал во Државна лотарија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потврди дека кривичнa пријавa е поднесенa и против поранешен премиер и поранешен вицепремиер, еден поранешен директор на правно лице и еден поранешен генерален секретар.
Тошковски не ги изнесе имињата, но неофицијално покрај вицепремиерот Артан Груби, кривична е поднесена и за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски.
Министерот го повика поранешниот вицепремиер да се врати дома и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат постапката.
„Јас би упатил јавен повик, од еден од тие двајца кои во текот на вчерашниот ден кажа дека доброволно ќе се врати во Македонија, јас сакам да му верувам, кажа дека е чист како солза, пак сакам да му верувам, еве јавно упатувам да истиот се врати во Македонија, ако не е вратен, и да им овозможи на институциите соодветно да ја истераат оваа постапка“, рече Тошковски.
Од она што досега е познато, Груби и поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами не се во земјава.
Груби на социјалните мрежи вчера oбјави ја напуштил државата поради приватна посета, но дека ќе се врати назад.
„Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, објави Груби.
Обвинителството претходно информираше дека со истрагата опфатени се шест лица, а според информацијата, поранешниот премиер и генералниот секретар на владата засега не се водат како осомничени од ЈО.
„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво. Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија“, соопшти Обвинителството.
Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Галетановски најави тужби, вели дека документацијата му била отворена незаконски без управен одбор
Ѓорѓи Галетановски, кој беше единствениот пријавен на конкурсот за директор на ЗOO Скопје, најави кривична пријава за зоолошката и Град Скопје, бидејќи не биле испочитувани роковите, а документацијата не му била вратена.
„По поднесување на целокупна документација од моја страна и по оглас кој е отворен до 14.08.2024 година, jaс сеуште немав официјален одговор. Законот вели дека доколку не се се спроведе огласот, како што беше случај, документацијата доставена не смее да биде отворена, туку веднаш вратена до мене“, вели Галетановски.
Тој во реакција до медиумите наведе дека еднаш отишол на лице место за да си ги побара назад документите, но не сакале да му ги вратат и му рекле дека не смеат да ги отворат и ќе го известат преку електронска пошта. После месец дена, вели Галетановски, сепак ги отвориле на своја рака и го известиле дека му ги испратиле назад, наместо да го повикаат да си ги подигне.
„Ми ги испратиле по пошта, а до денес документите не ми се стигнати, односно не знам дали се испратени и каде ми се сите оригинални документи. Бидејќи мојата документација е отворена, неовластено и незаконски без управен одбор и воедно моите лични податоци се злоупотребени, прво ќе пријавам во ДЗЛП, а по нивен одговор, ќе поднесам кривична пријава до ЗОО и до вработените во администрација кои ги отвориле документите“, вели поранешниот директор.
Најави дека ќе пушти тужба и за надомест на штета, поради повреда на правото на заштита на личните податоци, губење на документи и злоупотреба на лични податоци од неовластени лица, имајќи во предвид дека и Град Скопје и ЗОО се одговорни при спроведување на постапка за избор и доколку ја добие, средствата ќе ги донира на сметката на вработените на ЗОО Скопје.
Македонија
За отстранување на ѓубрето, Комунална ќе му испрати фактура на Курто Дудуш: „Локациите што ги објавува не се наша, туку негова надлежност“
Јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје соопшти дека ќе го отстрани сметот и срамот на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, но јавноста треба да знае дека за ова ќе и биде доставена фактура на општината.
Имено, фотографиите кои ги објавува Курто Дудуш, како што тврди Комунална, се од контејнери и локации за кои одговорна е општината со која Дудуш управува. Од тука уверуваат дека контејнерите што се во нивна надлежност редовно се чистат и дезинфицираат, што за жал не е случај и со општинските садови и дивите локации во неговата општина на кои се фрла отпад.
„Дополнително, Курто Дудуш се задолжи со мандатна казна за формирање на дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, а во тек се и останатите постапки покренати против Дудуш за дела спротивни на законот за кои очекуваме разврски, што всушност е и причината за неговото однесување и напади кон градот и јавното претпријатие Комунална хигиена- Скопје“, велат од Комунална хигиена, која е под надлежност на Градот Скопје.
Курто Дудуш претходно реагираше за ѓубрето во општината, обвинувајќи ја Арсовска дека им се одмаздува на граѓаните на општина Шуто Оризари поради протестот пред нејзината канцеларија.
Градоначалникот кој сподели фотографии на социјалните мрежи се закани дека ако отпадот не биде собран во рок од 48 часа, ќе и го однесе со механизација на Арсовска пред нејзината канцеларија.
Македонија
Почина седуммесечно бебе на Детската клиника
Седуммесечно бебе почина на Клиниката за детски болести.
Бебето било примено минатата недела поради сериозен синдром кој зафатил повеќе органи, а во меѓувреме тешката здравствена состојба дополнително се влошила.
Се очекува да биде извршена обдукција.