Македонија
Тошковски – Кочиу: One Stop систем и со Албанија и нов Центар за полициска и царинска соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Министерството за внатрешни работи оствари билатерална средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу, која престојува во официјална посета на земјава.
На средбата беа разгледани повеќе значајни прашања од заеднички интерес, со акцент на унапредување на општата соработка меѓу двете министерства, планот до почетокот на туристичката сезона да се имплементира One Stop системот и со Република Албанија, можноста за пуштање на граничен премин „Џепиште – Требиште“ да работи постојано 24 часа во годината, како и активностите поврзани со нацрт-договорите меѓу двете влади за воспоставување заеднички контроли на заедничките гранични премини и за основање и функционирање на Центар за полициска и царинска соработка.
„Сметам дека пред почетокот на летната сезона би можеле како што го имплементиравме One Stop системот со Косово и со Србија да го имплементираме и со Албанија и да ги затвориме државите кои што не се дел од ЕУ со еден по-брз трансфер на граѓаните кои што ќе ги намали чекањето на нашите граници. Исто така ја разгледавме можноста граничниот премин Џепиште-Требиште во иднина, оној режим на функционирање кој што ги има сега, а тоа е во летен период до 8 часот, во зимски период до 18 часот, да го продолжиме согласно можностите и капацитетите на двете министерства, да функционира 24/7 во текот на годината, со тоа што ќе им овозможиме на граѓаните од едната и од другата страна да имаат по добра комуникација, да остваруваат по голем број на услуги од едната и од другата страна и да, навистина, нашата одлична соработка ја покренеме на уште едно по високо и по добро ниво.“, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата се одржа и средба на високо ниво меѓу министрите за внатрешни работи и директорите на царинските служби на двете земји, посветена на воспоставувањето на Заеднички контакт центар за полициска и царинска соработка. Овој центар ќе претставува дополнителен механизам за побрза и поефикасна размена на информации, координација и заедничко делување во справувањето со прекуграничниот криминал, нелегалната миграција, трговијата со дрога и другите безбедносни предизвици.
„Склучувањето на Договорот за основање и функционирање на Центар за полициска и царинска соработка ќе придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка и граничната контрола, како и за поефикасна борба против илегалната миграција, организираниот криминал и другите безбедносни закани. Македонија има воспоставено четири заеднички контакт центри – на Деве Баир со Република Бугарија, Ќафасан со Република Албанија, Блаце со Република Косово и Табановце со Република Србија. Овие центри секојдневно ја остваруваат својата основна функција за размена на информации, испраќање пораки за рано предупредување и координација во борбата против прекуграничниот криминал. Новиот Центар за полициска и царинска соработка ќе биде уште еден силен механизам во оваа мрежа.“ истакна министерот Тошковски.
Тој додаде дека ваквите иницијативи се директна потврда на меѓусебната доверба и стратешкото партнерство меѓу двете земји.
На средбата беше потврдена заедничката посветеност на Република Северна Македонија и Република Албанија за натамошно продлабочување на добрососедските односи, јакнење на регионалната стабилност и унапредување на европската перспектива на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

