Македонија
Трајанов: Апсурд е во лична карта да стои етничка припадност

Апсурд е во лична карта да стои етничка припадност, вели претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов во врска со предлог-измените на Законот за лична карта.
Според него, предложените измени со кои се предвидува покрај другите податоци, име и презиме, датум и место на раѓање, единствен матичен број, државјанство и сл., да биде впишана и етничката припадност се против граѓанскиот концепт на државата, можат да предизвикаат дискриминација на граѓаните и да ги повредат нивните индивидуални и колективни права.
„Така, на пример, при идентификација со лична карта во банка, суд, полиција или во друга државна или јавна институција се презентира и етничката припадност, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак, народите наведени во Уставот на РСМ, но и други етникуми, што навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина значи нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа и различен третман, како и поларизација и дискриминација. Во иднина некој може да побара во личната карта да се впише и религиската определба, како и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет, чие изложување може сериозно да ги наруши приватните и колективните права на граѓаните. Во предлог-законот нема компаративни податоци и анализи, нема образложение зошто се предлага ваква измена“, вели Трајанов.
Според него, овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и по тој основ ќе има можност за поделби, затворање во етнички гета, нарушување на еднаквоста пред законите и институциите, расправии, нетрпеливост, омраза, па дури и физички пресметки.
„Без разлика што сите партии застапени во Собранието досега немаа забелешки, некои еуфорично ги прифаќаат измените, сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие измени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се важни податоците за етничката припадност, освен ако не се ‘предвидува’ во иднина стекнување предност и права поврзани со етничката припадност. На пример, ако возиш над дозволената брзина, а, да речеме, си Французин, ќе добиеш казна од 200 евра, додека ако си Турчин – 500 евра? Тоа го посочувам за да се види апсурдноста на овие промени кои пратениците наскоро ќе ги гласаат“, вели Трајанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Борче Стамов и д-р Ирфан Ахмети ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“

Борче Стамов од „Донирај компјутери“ и доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија, денеска во Собранието ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“.
„На 26 август 2025 година (вторник), во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ ќе ја додели државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери“, соопштија од Собранието.
Македонија
Без струја делови од Центар и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од Центар и Карпош, извести Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.
Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 26.08.2025 година (вторник), без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците на бул. Партизански Одреди бр. 15, односно стамбените објекти околу објектот – Луна Бизнис Центар. (Општина Центар )
· од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул. Козле крак -22. (Општина Карпош)
Македонија
Патот Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за сообраќај

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини поради летните одмори е зголемен меѓутоа на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.