Македонија
Трајко Славески избран за претседател на Советот на Град Скопје

Со 26 гласа „за“ Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ е избран за претседател на Советот на Град Скопје.
За Славески гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и двајцата советници на коалицијата ЛДП ДОМ.
Новиот претседател порача дека Советот е составен од квалитетни професионалници и ќе мора да работи за да ги подобри условите за житвот на сите граѓани на Скопје.
Славески додаде дека Советот ќе дава поддршка на градоначалничката Данела Арсовска, но истовремено ќе ја контролира нејзината работа и работата на јавните претпријатија и институции во надлежност на Град Скопје.
Конститутивната седница се одржа во МКЦ, кино „Фросина“, а се верификуваа мандатите на новите 45 советници.
Градоначалничката Данела Арсовска им посака успешна работа во следните четири години.
„Во оваа група на советници имаме луѓе кои се од различни профили, кои доаѓаат од политиката, од граѓанскиот сектор, меѓутоа мислам дека сите вие имате свои квалитети како личности и професионалци што многу ќе придонесе за зголемување на квалитетот на работењето на Советот на Градот Скопје во наредните 4 години. Од мое име како градоначалничка на Град Скопје посакувам успешно да соработуваме во наредните 4 години, а од името на скопјани ви благодарам што ќе се залагате за нивните интереси“, кажа градоначалничката Арсовска.
Советот на Град Скопје најпрво ги избра претседателот и членовите на Комисијата за верификација, мандатни прашања, претставки и поплаки на Советот на Град Скопје. Потоа Комисијата ги верификува мандатите на советниците на Советот на Град Скопје од локалните избори. По верификацијата на мандатите, се одржа расправа при што беше избран новиот претседател на Советот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Елмази: Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му одговори на Мухамед Елмази од Влен, дека Градот нема надлежност во Сарај.
„Мухамед Елмази бидејќи се закануваш, ајде за тебе ДУИ побегуљо ќе појаснам уште еднаш. За тоа што бараш да постапувам во Сарај, е исто како да бараш да одам во Битола или Тетово, немаме таму за жал надлежност за дивоградби.
Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи, ако не си разбрал првиот пат кога ти пишав, за жал нема да разбереш никогаш!
1. Град Скопје нема надлежност над Сарај за дивоградби затоа што законот е за градби до 2011, а Сарај влегува во Генерален урбанистички план во 2012 година.
2. На седницата на Совет на Град Скопје барав дискусија за отварање на незаконски дивоградби за СИТЕ скопски општини, ама твоите другарчиња побегнаа страв им е И ЗА САРАЈ И ЗА ЧАИР да се дискутира.
3. Во Чаир ТИ живееш во незаконска дивоградба стан ГРАТИС, слушам си плачел по дома дека си фатен, а ЕДЕН ОД ЕКИПАТА ОД ОПШТИНА ВЕЌЕ ВИ ИЗБЕГАЛ ВО КОСОВО“, напиша Арсовска на Фејсбук.
Ти си дел од оние што од ДУИ за директорско место во државното НОМАГАС пребега во ВЛЕН, додава Арсовска, а сега откако сте фатени во криминал слушам цело друштво ќе станете комити и ќе преминете во ВМРО.
„Ќе ставите со Ганиу, Меџити и Адеми црвени беретки и ќе тргнете накај Мечкин Камен, само да се спасите од криминалот. ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ, ИМАМ ДОКАЗИ ЗА СЀ И НЕ СЕ ОТКАЖУВАМ! Така пренеси им на другарчињата“, напиша Арсовска.
Елмази, по неговата прес – конференција, објави статус на Фејсбук, во кој ја обвини Арсовска дека молчи во врска со обвинувањата за бесправен објект во општина Сарај.
„Поминаа 24 часа и сè уште ја нема никаде Данела да одговори за зградата во Сарај. Дали тој џиновски објект без дозвола, кој го изложив на фотографија, му припаѓа на твојот пријател и бизнис партнер Блерим Беџети? Имаш ли удел во неговата ‘империја’ или само те плаќа за да држиш прес-конференции?“, прашува Елмази во својата реакција.
Тој додава дека градот Скопје се соочува со алармантна состојба на нечистотија и недостиг на хигиена, особено пред празникот Бајрам, опишувајќи ја ситуацијата како „гушење во ѓубре како никогаш досега“.
На крајот, Елмази најавува дека многу скоро ќе побара одговори и пред Јавното обвинителство.
Македонија
АРМ ќе реализира тактичко-технички активности во Охридското Езеро

Во периодот од 09 до 11 јуни, од 10 до 16 часот, на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Eзеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
„Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција). Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.