Македонија
„Трендафилов ги манипулира работниците, отвора теми на кои СДС, ДУИ и Левицата се лепат со предлози и наводни решенија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Слободан Трендафилов е испостава на СДС, Левица и ДУИ. Слободат Трендафилов не е никаков синдикалец, тој спроведува политики усогласени со, јавно необјавената, опозициската коалиција СДС-ДУИ-Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ССМ под водство на Трендафилов, нема свое автентично делување за заштита на работничките права, туку следи насоки дадени од опозициjaта.
Наместо на синдикално делување, Трендафилов свесно се стави во канал на партиско делување и одработување за СДС, ДУИ и Левица, а работниците и членовите на ССМ ги манипулира.
Но, тие се прочитани и нивниот план е разобличен и осуетен.
Иако коалицијата сеуште ја кријат, јавноста многу добро знае дека СДС, ДУИ и Левица имаат премолчена коалиција, а тоа се гледа и во нивните јавни настапи и координирани теми за прес-конференции и партиски соопштенија.
Затоа прашуваме, Слободан Трендафилов да каже колку тајни состаноци имал со опозицијата на чело со СДС и со кого се координира пред секој јавен настап?
Повикуваме, Трендафилов да престане да ги лаже работниците и јасно да каже, дали СДС, ДУИ и Левица му кажале да излезе со илузорни барања, за потоа да се налепат на темата со прес-конференции?
Исто така, Трендафилов да каже дали самите работници го осуетиле и го разоткриле планот на СДС, ДУИ и Левица кој тој го спроведува, па цела недела порано опозициската коалиција се приклучила со наводни предлози и решенија?
Паниката од разобличувањето на нивното усогласено координирање е голема и ка Слободан Трендафилов и кај СДС, ДУИ и Левица. Тоа може да се види од внатрешното делување во ССМ и промените на Статутот кои се прават на секој месец два, како и од хистеријата што оваа коалиција секојдневно ја креира.
Кај Слободан Трендафилов нема ни трошка грижа за работничките права, тоа е само глума пред јавноста и лажење на синдикалците, одработувајќи и отворајќи им теми за партиско делување на очајната опозициска коалиција составена од СДС, ДУИ и Левица.
Нивниот план е откриен, а делувањето прочитано, затоа ќе продолжиме со разобличувањето на Трендафилов и неговата поврзаност со опозициската коалиција СДС, ДУИ, Левица“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Целосна поддршка за пратеничката Мимоза Муса, покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период

„ВЛЕН ја изразува целосната поддршка и благодарност за принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката Мимоза Муса, која покажа висок политички и институционален интегритет во чувствителен период за албанската политичка сцена во земјата“, велат од ВЛЕН.
„Пратеничката Муса, избрана претставничка од редовите на Алијансата за Албанците, остана лојална на волјата на 107 илјади албански граѓани кои му дадоа доверба на овој коалиционен блок со цел да донесе промени и да отвори ново поглавје на чесно политичко претставување.
Нејзиниот став е јасен доказ дека претставувањето во Собранието не е само политички мандат, туку мисија во служба на граѓаните, на вистината и на стремежот за длабока реформа на албанската политика.
ВЛЕН потврдува дека единството, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ќе ја изградиме нашата политичка иднина. Нашите пратеници, без исклучок, се обврзани да ги застапуваат граѓанските интереси и да се држат далеку од каков било компромис што е во спротивност со волјата на слободниот глас.
Јавно ѝ се заблагодаруваме на г-ѓа Муса и ѝ посакуваме понатамошен успех во достоинственото претставување на интересите на албанските граѓани“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на одбележувањето на Националниот ден на Власите

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на Свечената академија што се одржа во Македонскиот Народен театар по повод 120 години од официјалното признавање на Власите како посебен народ.
На настанот беше присутен државниот врв, претставници на институции, организации и бројни членови на влашката заедница во Македонија.
„Влашкиот народ има длабоки историски корени и значајна трага во македонското културно и општествено ткиво. Со својот труд, со својата култура и посветеност, тие оставиле и сѐ уште оставаат длабоки траги во економскиот, културниот и општествениот развој на нашата држава.
Ова е ден кога се потсетуваме дека секоја етничка заедница е непроценлив дел од мозаикот на македонската државност. И токму затоа, наша обврска како институции е да продолжиме да создаваме општество во кое секој ќе се чувствува виден, вреднуван и подеднакво вклучен.
Горди сме што Општина Кисела Вода е дом и на бројни припадници на влашката заедница и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи што водат кон градење на почит, соработка и траен соживот“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебенот во чест на Свети Кирил и се поклони на гробот на сесловенскиот просветител.
Молебенот, на којшто присуствуваа членовите на државно – црковната делегација, претставници од дипломатскиот кор и други гости, го отслужија владиката Јосиф и владиката Јаков со претставници на Македонската православна црква — Охридска архиепископија.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим, првпат е организирано во 1969 година по повод 1100 години од неговата смрт. Оттогаш секоја година, на 24 мај, со највисоки почести се одбележува во присуство на македонска државно – црковна делегација.