Македонија
Тренчевска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика
Во Министерството за труд и социјална политика денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за труд и социјална политика. Новоименуваната министерка Јованка Тренчевска ја презеде функцијата од досегашната министерка Јагода Шахпаска.
Со тоа министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, и официјално го почнува управувањето со овој сектор.
„Чест и задоволство ми претставува да го предводам секторот во кој со години активно учествував во креирањето на социјалните политики насочени кон граѓаните, а особено кон најранливата категорија. Приоритет ќе ми бидат унапредување на правата од социјалната заштита, обезбедување редовни и сигурни пензии, заштита и почитување на работничките права, како и грижа за најмладите. Продолжуваме заедно да градиме едно општество за сите. Родовата еднаквост останува и понатаму високо на мојата и на агендата на Министерството за труд и социјална политика“, истакна Тренчевска.
![]()
Досегашната министерка за труд и социјална политика, Шахпаска, на својата наследничка Тренчевска ѝ посака успешна и плодна работа. Таа ја информира за тековните проекти на кои работи Министерството, за предвидената динамика за нивна реализација и за евентуалните пречки со кои се соочуваат.
Тренчевска доаѓа од раководната позиција на Државниот инспекторат на трудот, а претходно ја извршуваше функцијата државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика. Таа е дел од ова Министерство 19 години со нејзино активно учество во креирањето на политиките за родовата еднаквост на жените и мажите, каде што има водечка позиција во овој сектор. Нејзината досегашна кариера е во насока на унапредување на правата на работниците, како и родовата еднаквост меѓу мажите и жените. Министерката Тренчевска е магистер по социолошки науки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

