Македонија
Укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка

На патниот правец Тетово – Попова Шапка се укинува забраната за тешки товарни возила, а за останатите видови на возила не е веќе задолжителна употреба на зимска опрема (ланци).
Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Според известување од Виадукт Треј Дооел – Гостивар од 09.04.2025 година(Среда), ќе се врши реконструкција на дилатациони спојки на дел од автопатот Неготино-Велес (клучка Неготино), каде сообраќајот ќе се одвива во една сообраќајна лента во правец од Неготино кон Велес во времетраење од 15 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, даден и одржан збор и мажественост се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ни куќа ни врата, а камоли голем“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.
Македонија
Христијаните утре го одбележуваат Велики петок, денот кога Исус бил распнат

Утре христијаните ќе го одбележат Велики петок, денот на Христовото страдање, кога Исус беше осуден и распнат на крст, жртвувајќи се за сите луѓе и спасението на светот.
Велики петок е најтажниот ден за Христијаните кога се сеќаваат на настаните што му претходеле на Христовото распнување.
Ден на голема жалост, но и вовед и подготовка за Велигден, кој е најголемиот христијански празник.
Тој ден православните верници строго постат, повеќето денот го поминуваат само со сув леб и вода.
Велики петок е денот кога Римјаните го осудија Исус Христос на смрт, на поттик на еврејските свештеници и фарисеи.
Во знак на тага и жалост, црковните ѕвона не бијат на Велики петок почнувајќи од бдение на Велики четврток. На Велики петок наутро се читаат „Царските часови“.
Боење јајца за Велигден е еден од најстарите христијански обичаи и го симболизира денот кога Марија Магдалена дошла во Рим да го проповеда евангелието. Таа стигнала и до царот Тибериј, на кого му донела на подарок кошница со јајца.
Царот не верувал во Христовото воскресение и рекол дека тоа ќе биде како белите јајца во кошница да ја менуваат бојата. Марија Магдалена рекла: „Христос воскресна и сите јајца во корпата станаа црвени“.
Црвената боја е симбол на радост и воскресение, а првото црвено јајце се чува до следниот Велигден како „чувар“, заштитник на семејството.
Македонија
Папазов од притвор оди во куќен притвор – за седуммина осомничени за пожарот во Кочани мерката е заменета

Поранешниот градоначлник на Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во дискотеката „Пулс“, оди во куќен притвор, каде што се и неговите претходници на градоначалничката функција, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев.
Судот во Кочани на својата веб-страница денес информираше за донесените мерки за осомничените во истрагата, со што на седумина осомничени, мерката притвор им е заменета со куќен притвор.
„По изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за 4-четири осомничени беше определена мерка куќен притвор“, пишува во соопштението на судот.
Ексминистерот за економија, Крешник Бектеши останува во притвор, додека неговите претходници, ексминистрите за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири, се во куќен притвор. За Дритон Кучи се изречени се мерки на претпазливост.
Пожарот во „Пулс“ ги однесе животите на 62 лица, од кои повеќето млади.
Прочитај и: Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани, кој се лекуваше во Белград
Осомничениот полицаец за пожарот во Кочани по кој се трагаше сам се пријавил во Обвинителството