Македонија
Уништена фонтаната „Печурка“ во Ново Лисиче, која е во фаза на реконструкција
Вандалски е уништена фонтаната „Печурка“, што се наоѓа во населбата Ново Лисиче, а која деновиве е во фаза на реконструкција. Непознати сторители ги искршиле новозалепените мозаички плочки на фонтаната и нанеле штета во висина од 33.000 денари, а случајот веднаш е пријавен во полиција.
Општина Аеродром го осудува вандалскиот чин и апелира до граѓаните да не ги оштетуваат јавните површини.
„Општина Аеродром деновиве ги подготвува фонтаните во парковите за нивно пуштање во функција. Се отстрануваат оштетените плочки и други дотраени делови од нив и се заменуваат со нови, а се поставува и нова хидроизолација“, соопштија од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.
Македонија
Филипче за Груби: Сè е договорено
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека случајот со враќањето на Артан Груби и одлуката за куќен притвор се јасен показател дека постои политички договор и директно влијание врз судството и обвинителството од страна на власта.
„Еве ги прашањата за Артан Груби. Ние ги поставуваме од моментот кога дојде. Еве и сега ги поставувам. Како е можно на тој начин да се врати бегалец од правдата, да го пречекаат камери, да го пречека специјална полиција и да оди во домашен притвор? Сте слушнале ли одговор од ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ниту ќе слушнете. Поради тоа што има договор. Тоа е вистината. На кое прашање до премиерот вие сте слушнале конкретен одговор? Сè е дефокус и сè е бегање од темата. На прашањето коешто јас го поставив – кој е Душан Адамовиќ, новопоставениот конзул на Македонија во Србија – премиерот не одговори. Избегна да одговори затоа што одговорот не му одговара. Секогаш е дефокус – Харис Џиновиќ, Дубаи, плажа. Тоа одговара премиерот. Недоличен речник и начин на коментирање на човек што ја води Владата и државата.“ рече Филипче.
Тој потенцираше дека ваквиот развој на настаните не може да се случи без политичка координација и контрола врз институциите.
„Такви политички договори во коишто судството и обвинителството се послушници никому не носат добро. Уште премиерот фалеше дека ќе го пречека Артан Груби на граница“, нагласи Филипче.
Додаде дека наместо институциите да функционираат независно и согласно законите, јавноста сведочи на координирани чекори – од медиумското покривање на враќањето, до експресното определување куќен притвор.
Македонија
Филипче ја спореди власта во Македонија со режимите во Иран и Венецуела, за нападите на САД рече дека се за доброто за Иранчани
Во одговор на новинарско прашање за нападите на САД врз Иран, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и дека откако ги исрпија сите механизми за преговори настапија кон еден таков напад, за доброто на народот во Иран, додавајќи дека очекува деескалација на ситуацијата.
„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тие, откако ги исцрпија сите дипломатски механизми на преговори, настапија кон таков еден напад кон Иран и сметам дека таквиот напад и сè што се прави е во истиот контекст како што беше направена интервенцијата во Венецуела, а тоа е за доброто на иранскиот народ, како што беше и за доброто на народот во Венецуела“ рече Филипче.
САД треба да знаат дека власта во Македонија има карактеристики како режимите во Иран и Венецуела, додаде тој.
„Меѓутоа, добро е да се каже дека Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер, треба да знаат дека овде во нашава земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека актуелната власт ја турка државата во изолација, иако европската интеграција е стратешки интерес и за Македонија и за САД и за целиот регион. Дополнителна загриженост, како што рече, предизвикуваат контактите со структури блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
„Внимавајте, вториот човек на Владата не ги крие контактите со Ноќните волци, луѓе блиски до рускиот претседател Путин. Целосна е тотална партизација на правосудството. Премиерот именува, назначува, елиминира обвинители на телевизија. Очигледно е влијанието и партизирањето на судството“, истакна Филипче.

