Македонија
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ стартува платформа за активно учество во политичкиот живот

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ стартува платформа која во наредниот период ќе биде исклучиво фокусирана кон јакнење на жените за нивна проактивна улога во јавниот и политичкиот живот на земјата. По тој повод Претседателката на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, денеска со говор го отвори настанот, кој е официјално отпочнување на платформата.
Таа истакна дека жените се моќни чинители во демократските општества и дека секоја жена мора да биде охрабрена во борбата за остварување на сопствените права, потенцирајќи дека како жена ќе се бори за воведување на скандинавскиот концепт во Република Македонија со 50 отсто учество на жените на сите нивоа на власт.
УЖ на ВМРО-ДПМНЕ доби целосна поддршка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој даде целосна поддршка на отпочнувањето на функционирањето на женската платформа во рамки на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ.
Свое обраќање на свеченоста имаа и проф. д-р. Александар Спасеновски од Правниот факултет ,, Јустинијан Први,, од Скопје, доц. д-р Марија Ристеска од Центарот за истражување и развој на политики и Даниела Димитриевска извршна директорка на Македонското женско лоби.
Силна поддршка на женската платформа на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ дадоа и меѓународните стратешки партнери на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и тоа: Илина Мангова од ИРИ, како и Александра Цветковска од Националниот демократски институт.Тренинг обуката која е пакет од десет модули ќе биде спроведена од страна на врвни професори и експерти и се очекува да испродуцира квалитетни кадри од редовите на жените кои ќе бидат идни активни партиципиенти како во партиските структури, така и во јавниот и политичкиот живот на централно и локално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Ѓорче Петров го одбележа 9 мај – Денот на победата над фашизмот

На споменикот на партизаните – симбол на отпорот и жртвата за слобода, со длабока почит и во духот на незаборав, денеска во паркот во Ѓорче Петров беше одбележан 9 Мај – Денот на победа над фашизмот.
На настанот присуствуваа бројни делегации кои им оддадоа почит на борците за слобода. Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој во своето обраќање истакна дека овој ден не е само историски настан, туку ден на живо сеќавање.
„Ова е и ден кога се потсетуваме на оние кои застанаа против најголемото зло на 20 век и го платија тоа со сопствениот живот, верувајќи во слободата, правдата и достоинството. Пред повеќе од осум децении, нашите предци – храбрите партизани од Народноослободителната борба, со срце полно љубов кон родната земја и со неуморна верба дека Македонија заслужува слободна иднина, ја заокружија вековната борба на македонскиот народ за своја држава“, рече градоначалникот, додавајќи дека слободата која ја уживаме денес е резултат на жртва која заслужува длабока почит.
Тој посочи дека денешната борба е различна – таа не се води со оружје, туку со збор, со избор и со одговорност.
„Денешниот непријател можеби не е облечен во униформа, но се крие во обидите за бришење на историска вистина, манипулација со идентитет или заборав на жртвите“, нагласи Стојкоски.
Да ја чувате Македонија, додаде, не значи само да ја сакате, туку и да се борите за вистината, за правдата, за чесноста, за достоинството – вредности кои не застаруваат и кои се темел на секое здраво општество.
Во духот на наследството од НОБ, Стојкоски повика на пренесување на пораките за слобода и храброст на младите генерации.
Македонија
Јаневска: Со квалитетни идеи и повеќе партнери на образовните установи, дополнително ја стимулираме еколошката одговорност кај младите

„Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со повеќе партнери на институциите и на образовните установи, и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отпочнувањето на годишната национална кампања за собирање отпад „Генералка викенд 2025“ на Скопскиот аквадукт, организирана од Мен Енд Маунтен во соработка со повеќе партнерски компании и граѓански здруженија, а која е поддржана и од Министерството за образование и наука.
„Задоволство ми е што како министерство, неодамна со Мен Енд Маунтен потпишавме меморандум за соработка за да ја поддржиме оваа масовна еколошка акција и во комуникација со училиштата да вклучиме што поголем број основци и средношколци. Ова е придонес кон градење на еколошки одговорни генерации“, рече Јаневска.
Додаде дека младите се иднината на државата и мораме од најмала возраст да ги поттикнуваме на одговорност кон околината, за како што рече, да им ги намалиме можните предизвици и ризици со кои во иднина би се соочувале, а тоа е загадениот воздух, загадената почва, вода и слично, кои влијаат на човечкото здравје.
На означувањето на стартот на еколошката акција присуствуваше и претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, амбасадори и претставници на повеќе компании и здруженија кои ја поддржуваат акцијата.
Македонија
Во Битола одбележан 9 мај – Денот на Европа и Денот на победа над фашизмот

Во Битола денес се одбележува значаен историски датум со две големи значења – Денот на победата над фашизмот, како победа над разидувањето на народите и Денот на Европа, како симбол на здружување на народите.
По тој повод, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, делегација од Советот на општина Битола предводена од претседателката Габриела Илиевска, претставници на Сојузот на борци и претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, положија свежо цвеќе на споменикот на НОАВМ на плоштадот „Гоце Делчев”.
Градоначалникот Коњановски, уште еднаш го истакна значењето на овој голем ден како незаборав за минатото, но и како видлива европска иднина на нашата држава.
9 Мај во Битола се одбележува со повеќе културни и историски настани.