Македонија
Утре без струја делови на Кисела Вода, Студеничани и Аеродром
Од ЕВН Македонија АД информираат дека утре без електрична енергија ќе останат:
Во периодот од 8:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од ул. Малешевска – лоцирани спроти основното училиште (општина Кисела Вода)
Во периодот од 8:30 до 12:00 часот, корисниците од ул.1 на потегот од маркет Рејсер до вториот влез на село Батинци (општина Студеничани)
Во периодот од 8:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. Пандил Шишков бр.10 и бр.22 (општина Аеродром)
Во период од 12:00 до 16:00 часот, корисниците лоцирани во кругот на фабриката Стаклара на бул. Борис Трајковски (општина Кисела Вода)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Сали со грчката амбасадорка Филипиду: нагласена важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ
Министерот за европски прашања, Беким Сали, денес оствари средба со Амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.
На средбата се разговараше за приоритетите на министерот Сали во процесот на европска интеграција, вклучително и забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за Реформската агенда и Реформско-растечкиот механизам.
Министерот Сали ја нагласи важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.

Разговорот беше посветен и на билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамки на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година), преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.
Министерот Сали и амбасадорката Филипиду ја оценија како исклучително важна соработката во рамки на INTERREG IPA Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Грција, истакнувајќи ги проектите кои придонесуваат за подобрување на јавната инфраструктура, заштита на животната средина, развој на образованието и иновациите, како и зајакнување на локалното и регионалното управување во прекуграничните области.
Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ, министерот Сали ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.

На крајот од средбата, двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка, во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Техничката влада треба да замине во минатото, но ако СДСМ мислат дека е потребна за следните избори, во ред, прифаќаме
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по завршување на лидерската средба извести дека сите присутни се согласиле дека техничката влада треба да замине во минатото.
„Сите денеска присутни се согласивме. Имаше сугестија од еден од присутните да се направи консултација со меѓународната заедница. Но, генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално во рамките на пратеничките групи одлука којашто ќе се донесе. Денеска видовте дека една коалиција отсуствуваше. Доколку таа коалиција не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада со што би се избришала техничката влада за следните парламентарни избори. Тој закон се менува со просто мнозинство во парламентот, со 61 глас „за“. Сепак мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност туку да донесеме измени на Законот, по следните избори тогаш да не важи техничката влада. Ако толку тие инсистираат да важи за овие избори техничката влада, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ако нема согласност за следните избори од сите да се избрише техничката влада, барем да се избрише за тие потоа.
„За да излеземе од ќорсокак, ние го прифаќаме и тој компромис. Ако СДСМ мислат дека е потребно за следните избори да има техничка влада, во ред. Но кој и да победи на следните избори, да нема повеќе техничка влада“, кажа премиерот.
На новинарско прашање, Мицкоски одговори дека на лидерската средба не се отворила темата за предвремени парламентарни избори.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.

