Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, особено попладне кога на места процесите ќе бидат поинтензивни. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, најизразен по должината на Повардарјето, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде помеѓу 8 и 15, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне, кога ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Температурата ќе се движи од 13 до 23 степени.
Следува период на променливо и нестабилно време, на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

