Македонија
Утре сончево време, од недела дожд
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец, поизразен вдолж Повардарието, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 25 степени. УВ=7
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во следните денови ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Во недела во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Понестабилно време се очекува во вторник и среда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Спасовски пред анкетната комисија за „Пулс“: Игнорирањето е најлош можен пристап кон семејствата на загинатите
„Ова е навистина тешка дебата во којашто се мешаат разумот и емоциите, меѓутоа во моменти кога родителите собираат најголема сила за да учествуваат во дебатата, на нас не треба да ни биде тешко ништо. Треба да бидеме потрезени и поразумни во дебатата ако сакаме да допринесеме барем малку да се смени системот“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната дебата пред анкетната комисија за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Спасовски нагласи дека трагедијата ги погоди не само семејствата на жртвите, туку и целата заедница: „Загуба има и градот Кочани, државата, изгубени се цели генерации, не само на починатите, туку и на оние кои преживеаја и кои останаа со сериозни повреди“, потенцираше Спасовски.
Тој нагласи дека анкетната комисија има задача да го испита функционирањето на системот и институциите, но дека кривичниот прогон останува во надлежност на Јавното обвинителство.
Спасовски повика на анализа на законските решенија и сите системски пропусти: „Од 16 март до денеска, најлесно ни е да кажеме ‚системот не функционира‘, но не одговараме на прашањето што направивме за да почнеме да го менуваме системот кој не ни функционира“.
Тој потенцираше дека е неопходно да се ревидираат закони и правила кои оставиле простор за манипулација: „Сè што не го дефинираме во законска рамка остава простор за манипулација и различни толкувања, што нè доведува во сериозен системски проблем. Временската рамка сè уште овозможува конкретни акции. Сè уште има време декларативното да го претвориме во дела“, додаде тој.
Спасовски истакна дека барањата на родителите и семејствата мора да бидат разгледани и аргументирано образложени: „Игнорирањето е најлош можен пристап, особено кон семејствата на загинатите. Системот ќе го градиме со заедништво и солидарност. Комисијата и секоја друга расправа не смеат да бидат политизирани. Ова е настан во кој нема и не треба да има политика“.
Тој потврди дека поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе биде целосна во процесот:
„Поддршката на пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе ја имате во целиот процес, заедно со законодавниот дом и парламентарното мнозинство, доколку навистина сакаме да направиме промени. Повикувам по завршување на дебатата да седнеме заедно со родителите и заеднички да ги напишеме заклучоците и едногласно да ги усвоиме, за да знаеме како да постапуваме во идниот период“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Македонија
Премиерот слушна, но не сака да зборува за барањето за обесштетување за трагедијата во Кочани: Не би сакал за тоа да коментирам
Премиерот Христијан Мицкоски седнат во првиот ред во Собранието денес ги слушна барањата на родителите на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани. Тие побараа правда, одговорност и од актуелни функционери и вработени во институциите, системски измени за да не се повтори таква трагедија и психолошка и финансиска помош за семејствата на ист начин како што државата постапила по трагедијата во модуларната болница за која само неколку месеци по трагедијата имаше две одлуки за инансиска помош. Кажаа дека поднеле барање за финансиска помош на кое им било кажано дека ќе им одговорат откога ќе завршат изборите, но и еден месец по завршување на изборите, одговор немаат па сметаат дека се дискриминирани.
За барањето за финансиска помош премиерот Мицкоски, кога излезе од Собранието, не сакаше да зборува.
„Не би сакал за тоа да коментирам“, кусо одговори премиерот Мицкоски на прашањето за финансиската помош што ја бараат семејствата на загинатите и повредените.
Иако не сакаше да зборува конкретно за барањето за финансиска помош, премиерот Мицкоски уверува дека ќе стори се што е во негова моќ да помогне „на тие кои што се лекуваат да ја добијат онаа нега која што е потребна“.
Премиерот кажа дека секој пратеник може да предложи амандман за измени на секој закон кој би овозможил да се дојде до правдата за трагедијата во Коани, но досега такво нешто не е направено.
„Таков предлог досега никој од овие пратеници кои дискутираа нема доставено. Вистинското прашање е зошто се чекаа месеци да се закаже оваа анкетна комисија и моето чувство од оваа анкетна комисија е дека сите зборуваме за правда. И моето чувство е едно од главните барања на родителите е токму тоа, да има правда. Правда на анкетна комисија не може да има. Правда може да има во рамките на судски процес, нешто кое што јас веќе го зборував“, рече премиерот Мицкоски и неколкупати објасни дека обвинителот, а не тој, кажал дека секое изнесување факти во рамки на собраниската анкетна комисија може да наштети на истрагата па затоа не може да учествува во работата на анкетната комисија.
Премиерот двапати повтори дека со тоа што се појавил на собраниската анкетна комисија за Кочани, не само тој туку и целиот државен врв, покажал дека опозицијата со тврдењата дека нема да се појави само креирала лажна слика и растурала пердуви.
Македонија
Мицкоски: Додека јас сум премиер, нема да никне ниту еден шатор за илегални мигранти
Премиерот, Христијан Мицкоски, ги отфрла наводите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека во Македонија ќе бидат отворени кампови за мигранти. Вели дека додека тој е премиер, нема да никне ниту еден шатор за илегални мигранти во земјава.
„Додека јас сум премиер, додека јас сум претседател на оваа влада, нема да никне ниту еден шатор во кој што ќе бидат сместени илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант“, рече Мицкоски.
Напротив, додаде тој, ќе ја зајакнеме нашата борба заедно со нашите сојузници во рамките на НАТО против илегалната миграција.
Мицкоски, исто така, кажа дека оваа тема не била разговарана со Велика Британија,
„Да потенцирам и да кажам јасно и гласно пред македонската јавност дека таква тема не е разговарана, но доколку се разговара, исто така, ќе биде одбиена од наша страна“, рече Мицкоски.
Филипче денеска на прес- конференција рече дека британските медиуми објавиле информации за тоа што е разговарано околу прашањето за мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

