Македонија
Утре сончево време со температура до 20 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено изразен по должината на Повардарието, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 8, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 17 степени.
Во следните денови ќе се задржи стабилно и суво време со пониски утрински температури. Од недела ќе има услови за претпладневна магла по одделни котлини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
600 домаќинства во Општина Аеродром ќе добијат специјални канти за селекција на пластика
Општина Аеродром станува прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, велат од Општината, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество.
„Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман“, велат од Општината.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
„Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Видео) Филипче: Опасност од мигранти, проблем е Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тајни разговори
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред повеќе месеци ја најави опасноста која што не очекува со мигрантите и таа опасност е владата на ВМРО-ДПМНЕ со нејзините тајни преговори, разговори и договори, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека наместо конкретни и јасни одговори, власта ја нападна СДСМ со црна кампања.
„Кога првпат овие тајни преговори и разговори ги спомнавме, а тоа беше потврдено во пишувањата во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа во следниот период таа кампања само ја засилија“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче укажа дека скандалозно и недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од владата, информациите ги дознаа од британските медиуми кои излегоа со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

