Македонија
Утре сончево време со температура до 34 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне 30 степени.
Во следните денови ќе се задржи стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. До сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 481.127.667 денари кон 12.458 лозари
Во пресрет на празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите, реализирани се средства во износ од 481.127.667 денари кон 12.458 корисници, соопшти Министерството за земјоделство.
Средствата се исплатени по Мерка 1.8 – Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади.
„Се потврдува посветеноста и приоритетите на институциите во развојот на оваа земјоделска гранка. Министерството продолжува со реализација на мерки и политики насочени кон одржливост и унапредување на земјоделското производство“.

