Македонија
Утре сончевo време со температура до 37 степени

Времето утре ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 22, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени. Вредноста на УВ-индексот ќе биде 9.
Во Скопје сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса до петок ќе преовладува сончево и многу топло време. Максималните температури насекаде ќе бидат над 30 степени, а во југоисточните делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени.
В петок во попладневните часови ќе има зголемена облачност и услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Таравари во скутот на Ахмети ја пее неговата песна

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Арбен Таравари дека го сменил ставот кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, под притисок и уцени, и дека сега работи во корист на ДУИ и Али Ахмети.
„Арбен Таравари уште еднаш го покажа своето вистинско лице, човек кој до скоро јавно го фалеше Христијан Мицкоски и соработуваше со него, денес неосновано го напаѓа, само затоа што е уценет и мора да ја пее песната на Али Ахмети“, се наведува во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Таравари додека бил дел од Владата не изнесувал критики, туку зборувал за искреноста, капацитетот и посветеноста на Мицкоски, а дека сега, „кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа некои потсетници“, решил да стане „гласноговорник на ДУИ“.
„Како и некои функционери на СДС и градоначалничката на Скопје, сега и Таравари е ставен во непријатниот скут на Ахмети, ама очигледно, кога ќе се намести убаво, скутот не му пречи“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата заклучуваат дека „виновникот не е Ахмети, туку самиот Таравари, кој од човек со кредибилитет стана симбол за политичко понижување“, додавајќи дека „народот гледа сè“ и дека „на крајот, секој ќе си го добие заслуженото“.
Македонија
Објавен огласот за финансиска поддршка за сметките за струја за ранливи потрошувачи

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го објави јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи потрошувачи во 2025 година.
Право на поддршка имаат домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и глуво лице, корисници на посебен надоместок заради попреченост со навршени 26 години возраст, а без оглед на старосната возраст, согласно член 44 од Законот за социјалната заштита, чиј вкупен нето доход кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно Законот за данокот на личен доход на членовите на домаќинството во 2024 година не го надминувал износот од:
· 24.500,00 денари за едночлено домаќинство,
· 42.000, 00 денари за домаќинство со два члена,
· 60.000, 00 денари за домаќинство со три члена и
· 80.000,00 денари за домаќинство со четири и повеќе члена, не сметајќи го посебниот надоместок согласно Законот за социјалната заштита.
При пресметка на вкупниот доход на домаќинството кој подлежи на оданочување на месечно ниво согласно со законот за данок на личен доход, надоместокот заради попреченост, не се засметува при пресметката на вкупниот нето доход на домаќинството. За ранлив потрошувач од точка 1 од овој јавен оглас не се смета лице кое што го користи правото на цивилна или воена инвалиднина.
Лицата со категориите од точка 1 од овој оглас се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000,00 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.
Вкупно ќе се распределат:
· 2. 300. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост,
· 19. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост,
· 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно слепо лице и
· 12. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно глуво лице.
Не следува поддршка за лица со цивилна или воена инвалиднина или сместени подолго од 30 дена во институции.
Рокот за аплицирање по јавниот оглас изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас.
Барањето се поднесува со пополнет образец кој е достапен во архивата на Министерството или на www.energy.gov.mk, каде се наведени и сите останати документи кои се задолжителни да се достават со барањето.
За тоа кои документи се задолжителни за секоја група на баратели погледнете на https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/izvestuvanja-file-3m6z.pdf
Документите се достапни во архивата на Министерството или може да се обезбедат преку интернет страната на министерството: www.energy.gov.mk .
Комисиите составени од по три члена ќе ги разгледуваат барањата, ќе вршат проверка преку надлежните институции и ќе предложат решенија до министерот. Поддршката започнува од месецот по објавата на списокот на корисници и се пресметува на месечната сметка за струја.
Неплатени две последователни сметки доведуваат до укинување на решението за поддршка.
Македонија
Изминатиот викенд казнети 1.077 возачи во цела држава, 314 за брзо возење

Во деновите од празничниот викенд (02./03.08.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, од вкупно 1.077 издадени платни налози дури 163 прекршоци се однесуваат на возачи кои што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Истовремено 48 возачи возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 156 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитен шлем.
Инаку согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата најмногу прекршоци во текот на викендот 314 се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 82 за недозволено паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани уште 57 лица кои некористеле сигурносен појас, 24 заради користење мобилен телефон при возење, а четворица минале на црвено светло.
Исто така, а согласно Законот за возила, 44 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.