Македонија
Утро со температури под нулата во целата држава
Најстудено утрово е во Берово и во Маврово со -13 Целзиусови сетепени.
На Попова Шапка се измерени -12, во Крива Паланка -11, Скопје и Битола -10, во Штип, Куманово, Демир Капија, Дебар и во Крушево -9, во Тетово, Прилеп и во Струмица -8, Охрид -7, Гевгелија -5 и Дојран -4.
Највисока снежна покривка има на Попова Шапка – 43 сантиметри, во Маврово е 38, а во Крушево осум, информира Управата за хидро-метеоролошки работи.
Времето денеска ќе биде сончево и студено со слаб ветер од северен правец.
Максималната температура ќе достигне од 0 до 8 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево и студено со максимална температура до 4 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.
Македонија
Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели, велат од МНР и апелираат граѓаните да се воздржат од патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека со внимание и загриженост ги следи случувањата во поширокиот регион на Блискиот Исток, кои имаат директно влијание врз регионалната и меѓународната стабилност.
„Со оглед на очигледните обиди на Иран да таргетира, покрај Израел, и повеќе арапски држави, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак, како и британската воена база на територијата на Република Кипар, се апелира до сите државјани на Република Северна Македонија да се воздржат од непотребни патувања во поширокиот регион на Блискиот Исток“, велат од Министерството.
МНР недвосмислено ги осудува сите напади врз нашите пријатели и партнери, се вели во соопштението. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели, како што се додава, се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност.
„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“, велат од МНР.
Министерството, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, разгледува повеќе можни сценарија за репатриација и евакуација, кои ќе бидат активирани кога тоа ќе го дозволат условите на терен и/или по повторно воспоставување на воздушниот сообраќај.
Македонија
Црвениот крст ја заврши последната исплата од собраните средства за настраданите oд пожарот во „Пулс“
Црвениот крст на 27 февруари 2026 година ја реализираше последната исплата од собраните средства за настраданите од пожарот во Кочани, во вкупен износ од 11.200.000 денари. Средствата се распределени на 18 лица, поделени во две категории.
Исплатата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица, подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изготвена од Комисија при Министерството за здравство.
Со ова, вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност изнесува 164.744.901 денари.
Од Црвениот крст информираат дека, со цел поголема транспарентност и отчетност, е подготвен извештај за фактичките наоди за приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година. Извештајот е објавен на веб-страницата на организацијата.
Во тек е и подготовка на финален извештај за собраните и исплатените средства, кој ќе го опфати и останатиот период и ќе биде споделен со јавноста до 15 март.
Црвениот крст продолжува со активностите на терен, со акцент на обезбедување психолошка поддршка за настраданите и нивните семејства преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.
Фото: ЕПА

