Македонија
Училишниот час ќе трае пократко од 40 минути, постои можност и учебната година да заврши порано

Собранието вчера вечерта ги изгласа измените на Законите за основно и средно образование со кои се обезбедува непречено организирање на наставата во државата и во време на вонредни околности, каков што е случајот со пандемијата со Ковид-19.
Измените на двата закона предвидуваат наставниот час да трае пократко од 40 минути, поради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство.
Предвидена е и можност за кратење на наставните денови во учебната година од 180 на најмалку до 100, бидејќи со законските измени се прават исклучоци во однос на започнувањето и завршувањето на учебната година за време на вонредни околности, за што ќе одлучува Владата.
Од Министерството за образование и наука велат дека со законските измени, за првпат во државата се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно-образовен процес и тоа во повеќе случаи: во услови кога има утврдена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.
Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација. Според измените на законите, организирањето на наставата со физичко присуство на учениците ќе биде можно само ако се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните и средните училишта, донесени од Владата.
Законските измени беа подготвени врз основа на студии од меѓународни организации, како што се Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на Црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со Ковид-19.
Направените студиите, врз основа на статистичките податоци, ја потенцираат важноста на локалната епидемиологија при одлучувањето за настава со физичко присуство, но исто така и одговорното и совесното применување на мерките за превенција од Ковид-19 во училиштата.
За успешно стартување на учебната година Владата веќе ги усвои Протоколите и Планот според кои во тек се подготовките во основните и средните училишта за почеток на наставата од први октомври годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.