Македонија
Фатмир Битиќи: Успешните компании треба да се истакнат и да се пофалат

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, присуствуваше на настанот за промоција на топ-100 компании, во организација на Стопанската комора на северозападна Македонија, со кој секоја година традиционално им се оддаваат признанија на најуспешните компании – членки на оваа комора.
„Честопати забораваме да пофалиме и наградиме добро завршена работа, дополнително, не смееме да занемариме дека во последните две години се соочуваме со непредвидлива здравствена и економска криза, која ги стави на тест нашата отпорност, истрајност и борбеност, што на овие признанија денеска им дава дополнителна тежина“, почна вицепремиерот со своето излагање пред присутните гости.
Битиќи додаде дека го радуваат позитивните резултати што ги постигнале топ-100 компаниите – членки на Комората во 2020 година и потенцираше дека и покрај здравствено-економската криза, овие компании продуцирале поголем промет, извоз, зголемен број вработени и повисок профит во однос на 2019 година.
„За растот на компаниите во Стопанската комора на северозападна Македонија говорат бројките во нагорен тренд секоја година. Во 2018 годишниот промет на топ-100 најуспешните компании беше 750 милиони, во 2019 година имале годишен обрт од 900 милиони и во кризна година, во која најголем дел од економиите имаа пад, топ-100 најуспешните имаат раст од 2,61 %, а постигнале ниво од 920 милиони евра обрт. Бројки што говорат дека нашите претприемачи знаат и умеат и во најтешки времиња да најдат можности, дури и да растат. Исто така, многу добри позитини резултати се рефлектираат и во показателите за нето-добивката што во континуитет расте. Ако во 2018 година реализираната нето-добивка на најуспешните 100 компании беше 56,5 милиони евра, во 2019 година – 66 милиони евра, во ковид-периодот на 2020 година вие постигнавте раст до 9,87 % и достигнавте до нето-добивка од 73 милиони евра“, посочи Битиќи.
Вицепремиерот рече дека успехот на овие компании е важен бидејќи даваат позитивен пример и поттик за сите други и создаваат култура на деловна мотивираност и промовираат здрава конкурентност. Сето ова влијае на подобрување на продуктивноста, зголемување на бројот на вработените, како и на севкупниот економски раст.
Тој додаде дека Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан имаат голем потенцијал за раст и развој на економијата и дека со заедничка работа, на Владата, стопанството и меѓународните партнери, треба да се искористи шансата за побрз и одржлив економски развој на земјата и регионот.
„Во насока на поддршка, раст и ваш развој, на моите средби со политичарите и бизнисмените во регионот веќе зборувам, а денеска сакам да ја отвориме оваа дискусија и заедно тука со вас, а тоа е креирањето силни вредносни синџири на компаниите во нашата земја, но и поврзување со целиот регион. Ова е нашата конкурентна предност, која мораме да ја искористиме, за да излеземе посилни и постабилни во постковид-периодот. Рефокусот на стимулирање на инвестициите на пазарот на Западен Балкан ќе креира отпорен и стабилен регионален пазар, кој ќе биде конкурентен на европскиот, односно светскиот пазар, а истовремено ќе ги поддржува и секако ќе ги расне и зајакнува националните економии. Веќе зборуваме за креирање стимулирачки и афирмативни мерки, кои ќе поттикнат посакуван економски развој преку зацврстување и синергија на вредносиот синџир за да го искористиме и капитализираме целосниот потенцијал што ни се отвора преку Near shoring, или приближување на синџирите за снабдување поблиску до големите, прво европски, а и светски компании“, заврши во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.