Македонија
Филипче – Брнс: САД е наш стратешки партнер во јакнење на здравствениот систем
Министерот за здравство, Венко Филипче, оствари работна средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнс, на која ѝ се заблагодари за континуираната поддршка во унапредување на здравствената заштита и успешно справување со коронавирусот во нашата држава.
„САД сериозно придонесуваат во зајакнување на нашиот здравствен систем. Упатувам посебна благодарност до амбасадорката Кејт Maри Брнс за несебичното залагање уште од почетокот на кризата кога добивме огромна помош, прво во заштитна опрема, материјали, а понатаму и во медицинска опрема за Инфективната клиника, Институтот за јавно здравје, како и заштитна опрема специфична за Клиниката за гинекологија и акушерство“, посочува по средбата министерот Филипче.
Со поддршка од американската амбасада, Институтот за јавно здравје доби кабинет со биосигурност ниво 3, во вредност од 500 илјади американски долари, како и доопремување на ИЈЗ со тестови и центрифуга во вредност од 12 илјади американски долари, што ќе придонесе за зголемување на капацитетите за тестирање на Институтот за 10 до 15 отсто. Благодарение на целосното реновирање помогнато од Амбасадата на САД првпат во нашата земја имаме кабинет со биосигурност ниво 3. Според министерот, ова претставува уште едно зајакнување и уште еден чекор напред во квалитетот на здравствената услуга и унапредување на технологијата на работа во согласност со најсовремените стандарди.
На средбата беше посочено дека на почетокот на корона-кризата Амбасадата на САД донира поголемо количество заштитна медицинска опрема (маски, костими и друга заштитна опрема) во вредност над еден милион долари, наменета за лекарите, за епидемиолозите и за другите здравствени работници од Инфективната клиника и Институтот за јавно здравје, кои се првата одбрана на земјата од епидемијата.
Исто така, со поддршка од американската амбасада во изминатиот период целосно е реновирана Клиниката за неврологија, изграден е и целосно нов блок во Психијатриската болница во Демир Хисар. Во тек се и градежните активности на Клиниката за максилофацијална хирургија, како и реконструкција на Клиниката за хематологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

