Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја враќа политиката на евтина работна сила
ВМРО-ДПМНЕ ја враќа старата политика во која Македонија е рај за евтина работна сила, а каде вработените се секогаш на второ место. Ова го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот брифинг со медиумите на кој меѓу другото се осврна и на, како што рече, лошите економски политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги спроведува уште на почетокот од својот мандат, а кои само го намалуваат стандардот на граѓаните.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува покачување на платите практично во ниту еден сектор, ниту во образованието, ниту во здравството, ниту за полицијата, ниту за Армијата, а не се почитуваат ниту обврските од општиот колективен договор и нема да има зголемување ниту на минималната плата на 450 евра, како што бараа синдикатите.
„Ќе се покачуваат плати само по потреба и за поткуп, не постојано и систематски. Ова многу силно ќе им се удри од глава“, рече Филипче на брифингот.
Нагласи дека со ова ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите, за разлика од СДСМ кој, како што вели, го ценел и го вреднувал трудот на работниците и со правилни политики успеал просечната плата да ја издигне на историски најголеми досега 40.000 денари и покрај сите глобални економски и здравствени предизвици.
„Во 2024 година луѓето бараат подобри услови за работа, бараат повисоки плати, бараат можности – не бараат некој да ги понижува и третира како евтина работна сила“, рече Филипче.
Филипче на брифингот рече и дека очекува целосно деградирање на правата на работниците со укинување на неделата како неработен ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

