Македонија
Филипче за Мицкоски: Слаб говор, лоши пораки

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека премиерот Христијан Мицкоски, на 35-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, имал слаб говор и лоши пораки и дека Мицкоски признал дека ништо не направил, ама „допрва ќе работел“.
„Добро е што Мицкоски сфатил дека народот има очи да гледа и памет да размислува. Свесен е дека не му поминуваат лагите кои четврта година како локална власт и една година како апсолутна централна власт ги кажува. „Најдоброто допрва доаѓа“ е најлошиот слоган за кампања и потценување на интелигенцијата на граѓаните. Што е тоа што „допрва ќе дојде“? Не беа доволни четири години локална власт и една година централна власт за да направите нешто?“, вели Филипче.
Според него, срамно е Мицкоски да зборува за правда.
„Направи сè за да ги скрие од одговорност неговите луѓе кои се директно одговорни за најголемата трагедија во историјата на модерна Македонија. Луѓе кои биле финансиери на партијата, но за тоа ќе слушнат граѓаните од утре, исто како што ги објавивме оние кои ги криеја со месеци.
Мицкоски зборува за раст на економијата. Јас не верувам дека постои барем еден човек надвор од неговото опкружување што верува во оваа приказна. Според Евростат, Македонија е земја со најлош животен стандард во Европа. Стагнираат платите, дивее инфлацијата, државниот долг е зголемен за 7 милијарди евра. За цело ова време Владата се луксузира со приватни авиони, јаде папаја и манго, се шета по најскапите хотели во светот.
Сакам да го прашам Мицкоски, каде е тужбата за „Бехтел и Енка“? Сега дури и Трајко Славески најави дека ќе се зголеми трошокот за тој проект за 700 милиони евра, од 1.3 милијарди како што беше договорено на 2 милијарди евра. Кој се „вгради“ со проценти во овој договор?“, прашува Филипче.
Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера, додава лидерот на СДСМ, не е „кодошење“ туку патриотизам – ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти.
„Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое може еден Македонец да го направи. За крај, ВМРО-ДПМНЕ е четири години власт во Битола. Се прашувам, нели му беше непријатно на Мицкоски да се вози по дупките до „Хераклеја“ и џунглата околу локалитетот која со години не е средена“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.