Македонија
Филипче: Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска од Аеродром изјави дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го доведоа Скопје до пропаст и го оставија главниот град во државата да тоне во хаос.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност и себичност ги оставија скопјани да тонат во ѓубре и хаос. Градот е вратен назад во развојот. Четири години, Мицкоски и неговата партија го блокираат Град Скопје, а денес се обидуваат да се оправдаат“, рече Филипче.
Во изјавата тој посочи дека за тоа што денес се случува со Скопје директно е одговорен Мицкоски, негова вина е што ниту една мерка и проект за главниот град не се реализираа.
„Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки. По налог на Мицкоски, речиси ниедна мерка, проект или набавка во Град Скопје не беше изгласана. Ова го потврдуваа и советниците на СДСМ кои, и како опозиција, конструктивно ги поддржуваа добрите предлози. Вината е кај Мицкоски”, изјави Филипче.
И на овие локални избори како што кажа Филипче, Мицкоски го нуди Орце Ѓорѓиевски како негов партиски послушник кој ќе работи според желбите на партискиот центар.
“Скопје е пред ризик од брутална партизација од ВМРО-ДПМНЕ, доколку граѓаните не ја препознаат измамата.Затоа повикувам на масовна поддршка за Каја Шукова – докажан професионалец и работник, независна и со голем интегритет. Таа има јасни, изводливи проекти, особено во хигиената и инфраструктурата, со кои Скопје ќе го врати својот сјај”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.
Македонија
СДСМ: Скринингот по пожарот во Трубарево покажа дека граѓаните се труеле, кој ќе поднесе одговорност?

„Скринингот што го побара СДСМ, по пожарот во Трубарево, уште еднаш потврди дека Владата на ВМРО ДПМНЕ лажеше дека воздухот не е загаден. Анализите потврдија – 18 граѓани биле изложени на штетни материи со реални здравствени последици, токму од високото ниво на загаденост на воздухот. Ова е јавна здравтсвена катастрофа“, велат од СДСМ.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно лажеше и остави луѓе да се трујат. Уште колку луѓе треба да заболат за власта да признае дека погрешила?
Оваа влада е директно одговорна за труењето на луѓе во Трубарево и околината. Лажеа дека воздухот само изгледал загаден, не било алармантно. Официјалните податоци што се објавија дури шест дена по пожарот покажува речиси дванаесеткратно надминување на кадмиумот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), зголемени вредности на арсен и олово.
Наместо навремена реакција, превенција и грижа за здравјето на граѓаните, власта избра да лаже и минимизира, да се обидуваат да ја покријат штетата со ПР-паравани, со некакви хибридни напади.
Вистината излезе на виделина – има заболени луѓе, има жртви на негрижата и непостапувањето на Владата на ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ со недели предупредуваше дека е потребна итна акција, скрининг и евакуација.
ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги заштитија граѓаните, ги доведоа во опасност, го загрозија нивното здравје. И за тоа мора да има одговорност.
СДСМ бара итна политичка и институционална одговорност од сите надлежни што не постапија навреме – министерот за здравство, министерот за внатрешни работи, директорот на ЦУК“, соопшти СДСМ.