Македонија
Филипче: Планираме зaконски измени со кои ќе ги зголемиме ингеренциите на невладините организации
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска учествуваше на тематскиот форум „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и „Цивика мобилитас“.
Филипче во своето излагање се осврна на важноста на граѓанските организации и нивниот придонес во креирањето политики, како и за справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот. Говорејќи за менаџирањето на ковид-кризата, посочи на два сегмента – интензивната соработка и комуникацијата меѓу сите институции, организациската поставеност, секојдневната координација на активности меѓу институциите и функционирање на Главниот координативен кризен штаб на ниво на Владата, од една страна, како и честата комуникација со јавноста, од друга.
„На тој начин многу лесно се пресретнува ширењето лажни вести. Таа честа комуникација е можност да се споделат вистинските информации, да се чуе повратна информација од терен, да видиме кои се вистинските проблеми што практично секојдневно се менуваа и секој ден на некој начин значеше нов предизвик“, рече Филипче.
Како клучен сегмент во справување со ковид -кризата, министерот зборуваше за солидарноста и многуте донации, кои се од голема помош на здравствениот систем.
„Солидарноста се покажа навистина на високо ниво, имаше огромен број донатори, институции тука во државата, компании, стопански комори, странски донатори, амбасади на разни земји, Европската Унија, како во финансиски средства така и во конкретна и специфична опрема. Во консултации со нас кажувавме што точно ни треба и тоа беше една навистина сериозна помош без која, мора да бидеме искрени и да кажеме, тешко ќе се управуваше со кризата така како во изминатиов период. Оваа сериозна помош, која стигна од сите овие фактори во нашето општество, со што многу од нив покажуваа висок степен на свест, општествена одговорност. Таа соработка трае и во овој период и веројатно дека ќе продолжи да трае и во иднина“, рече Филипче.
Министерот наведе дека во изминатиот период повеќе од три години Министерството за здравство има позитивно искуство на соработка со многу граѓански организации и одлична можност да се чуе гласот на разни групи граѓани со кои тие невладини органзации работат. Овие организации исто така се вклучени и во креирање на политиките, како и имплементатори на политиките заедно со институциите.
„По напуштањето на соработката со Глобалниот фонд, ние ги имплементиравме договорите со граѓанските организации. Оваа криза малку ни ги забави плановите, планираме законски измени со кои ќе им ги зголемиме ингеренциите на граѓанските организации што работат во овој сектор, конкретно во здравствениот сектор, токму поради тоа да ги искористиме нивните капацитети. Мораме да бидеме искрени и да признаеме дека граѓанските организации навистина имаат и повеќе сознанија и повеќе инструменти и повеќе пристап отколку институциите и затоа сметам дека апсолутно треба да се поддржат и понатаму да се промовираат и да се направи сè во смисла на законска измена за тие да се надградат и во иднина“, рече Филипче.
Министерот рече дека ние како мала земја не смееме, ниту треба да дозволиме некој да го оставиме настрана, туку сите фактори во општеството треба да се вклучат во креирањето политики.
„Барем ние тука во Министерството за здравство не веруваме дека политика може да се спроведе ако е наметната. Политика може да се спроведе само ако вистински ѝ служи на групата за која е наменета и само така може да има ефект. Дополнително, може да служи и да биде повеќе стимулативно ако сите тие фактори биле вклучени во процесот на креирање политики“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

