Македонија
Финансиска полиција во „Пин петрол“, сомнеж за проневера на 22 милиона денари

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против управителот на фирмата „Пин петрол“, против вработена во АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ и против вработена во Јавното претпријатие за државни патишта за злоупотреба на службената положба и овластувањето, проневера во службата и несовесно работење во службата.
Управителот е осомничен дека не уплаќал пари на Јавното претпријатие за државни патишта за периодот од 1.8.2019 до 30.9.2024 година.
„Првопријавениот Д. П. во својство на управител и одговорно лице во правното лице ‘Пин петрол’ ДОО Куманово, кое врши работи од јавен интерес во согласност со Законот за возилата на РСМ, иако бил свесен дека од страна на правниот субјект ‘Пин петрол’ ДОО Куманово не се врши редовна и перманентна уплата на парични средства по основ на надоместок за јавни патишта кон Јавното претпријатие за државни патишта во согласност со месечните извештаи за ставки од регистрација според вид и поткатегорија на возила од надоместокот за јавни патишта, ги злоупотребил својата службена положба и овластувањето доверена од Јавното претпријатие за државни патишта со договор за извршување работи за наплата на надоместокот за употреба на јавните патишта (патна такса), а за кој претходно правното лице ‘Пин петрол’ ДОО Куманово има добиено овластување од Министерството за внатрешни работи на РСМ да врши технички преглед на возила на начин што спротивно на обврските од договорот не извршил контрола и не презел никакви мерки и дејства за реална уплата кон Јавното претпријатие за периодот од 1.8.2019 до 30.9.2024 година“, соопшти финансиската полиција.
Второпријавената Г. С. П. во својство на службено лице во АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје, Договорна пошта Куманово, со правниот субјект „Пин петрол“ ДОО Куманово, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, наплатените парични средства од правни и физички лица на име надоместок за јавни патишта ги присвоила за себе наместо да ги уплати на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта.
Третопријавената Н. С. во својство на службено лице во Јавното претпријатие за државни патишта постапила несовесно при вршењето на своите овластувања и должности на начин што пропуштила должна контрола и надзор на разликата помеѓу приливите од станицата за технички преглед „Пин петрол“ – Куманово по основ патна такса и покрај тоа што на увид ги имала месечните извештаи од станицата за технички преглед, каде што е наведено колкав износ по горенаведениот основ е наплатен од нивна страна, со што предизвикала штета на буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Со горенаведените дејства пријавените предизвикале штета на буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта во вкупен износ од 22.294.343,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.