Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

