Македонија
ФИТР: Македонија ќе стане нова атрактивна дестинација за дигитални номади

Како Северна Македонија ќе стане атрактивна дестинација преку Програмата за развој на дигиталното номадство беше темата на која дискутираа: Коста Петров, Директор на Фондот за иновации и технолошки развој, Себастијан Дијаз Меса, поранешен извршен Директор на Start-Up Chile, Саманта Миките, дигигитален номад од Канада и Нина Николиќ ко-основач на Стартап Македонија.
Заклучокот од размената на искуства на интерактивниот вебинар „Зошто дигиталните номади и стартап основачи треба да дојдат во С. Македонија“ е дека во ерата на дигитална економија која овозможува се поголема слобода во начинот на работење, државава има голем потенцијал да привлече експерти од целиот свет. Дополнително, ковид кризата придонесува за зголемување на стапката на вработени кои работат од далечина, а со тоа и се зголемува и свеста за можностите и придобивките кои ги нудат овие луѓе.
„Особено сум горд што Р. Северна Македонија е една од ретките земји која ќе ги отвори вратите на дигиталните номади. Со стимулот која нашата земја го дава за нивен развој, ќе создадеме европски стандарди и услови за странските претприемачи да работат и живеат во земјата. Сега е ерата на дигиталните номади, кои ќе донесат огромни придобивки врз локалната економија како и шанса за соработка и вмрежување со македонските стартапи“, појасни директорот на ФИТР Коста Петров.
Саманта Микит која е дигитален номад од Канада и која изминатиот период има работено во државава, рече дека е фасцинирана од потенцијалот за развој и привлекување на дигитални номади. Таа преку своето искуство ги потенцираше придобивките кои дигиталните номади ги имаат со тоа што ќе одлучат да работат во нашата земја.
Себастијан Дијаз Меса кој е поранешен извршен директор на Start-Up Чиле смета дека ставањето на талентот во центарот е она што му овозможува на екосистемот да расте. Како што кажа, Чиле го докажа тоа, уште пред 10 години кога беше создаден Start-Up Чиле како најдобриот претприемачки екосистем во регионот.
Тој додаде дека Северна Македонија покажува уште поголем потенцијал, да се внесе разновидност во вашиот локален екосистем за зајакнување на претприемништвото и иновативноста, како клучни компоненти на современите економии.
„Со ‘Стартап Македонија’ како асоцијација целосно ја поддржуваме иницијативата за дигитални визи за номади и дозволувајќи им на меѓународните експерти и осовачи на стартапи да имаат подолг престој во нашата земја и да создадат уште поголемо влијание во новата економија”, рече Нина Николиќ, ко-основач на „Стартап Македонија”.
Неодамна беше формиран и Стартап Совет на ФИТР, на кој една од главните стратешки цели ќе биде креирање на долгорочна стратегија за привлекување на дигитални номади во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Даниела Димовска избрана за претседателка на скопскиот кривичен суд

Судијката Даниела Димовска е избрана за претседател на Основниот кривичен суд Скопје на денешната седница на Судскиот совет откако претходниот претседател Иван Џолев беше избран за судија во Апелациониот суд. Димовска ќе ја извршува функцијата од 6 јули до завршување на постапката за избор на нов претседател.
Кандидатурата на Димовска ја предложи координаторката Данка Ристова, а предлогот беше поддржан со мнозинство гласови.
На истата седница Судскиот совет назначи вршители на должноста претседатели и во другите судови: Елјеса Алији за Основен суд Гостивар, Мерсим Марку за Основен суд Дебар и Валентина Буревска за Основен суд Свети Николе.
Советот разреши дел од судиите поротници во судовите во Свети Николе, Основниот кривичен суд Скопје и Основниот граѓански суд Скопје поради истек на мандатот. Исто така, беше изгласана одлука за формирање комисии за увид и оценка на пријавите по огласот за избор на претседатели на судовите во Дебар, Гостивар и во Свети Николе.
Дополнително, судијата Драган Јаковлески од Основниот суд Битола е делегиран во Основниот суд Прилеп на една година со цел подобрување на функционирањето на судот.
Македонија
Коцевски побара повеќе пари од буџетот за Обвинителството

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред Комисијата за финансирање и буџет на Собранието упати апел за зголемување на буџетските средства на Јавното обвинителство нагласувајќи дека сегашниот износ е недоволен за исполнување на основните функции и на реформските обврски.
Обвинителот истакна дека минималниот законски предвиден износ од 0,4 отсто од вкупниот државен буџет не е целосно доделен и дека средствата за 2025 година изнесуваат речиси половина од оваа сума. Дополнително, нагласи дека недостигот на финансии го отежнува функционирањето на институцијата, особено во делот на вештачењата, кадровскиот капацитет и дигитализацијата.
Јавниот обвинител посочи дека поради зголемените трошоци за вештачења, како и поради недостиг на стручни кадри, Обвинителството се соочува со сериозни предизвици, особено во сложени предмети, како „Онкологија“ и трагедијата во Кочани.
„Сите сте свесни дека трошоците на Обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот ‘Онкологија’ беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејства, за сложени мултиинституционални вештачења – сѐ ова падна на товар на Обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено“, рече Коцевски.
Истовремено, ја потенцира потребата за продолжување на лиценците на донираните софтвери и кофинансирање на проектот за дигитализација.
Од кадровски аспект, Обвинителството укажа дека поради забрана за нови вработувања веќе трета година, како и одбиен годишен план за вработување за 2025 година, екипираноста сериозно е нарушена.
Во обраќањето беа дадени и примери од регионот, каде што Обвинителствата добиваат значително поголема финансиска поддршка, како во Албанија и во Црна Гора.
Јавниот обвинител ги повика пратениците да интервенираат и да обезбедат дополнителни средства нагласувајќи дека вложувањето во правдата е вложување во стабилноста и владеење на правото.
Македонија
Тoшковски: Вложуваме во луѓето, нивната подготвеност и едукација

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес во Центарот за обука во Идризово, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски присуствуваа на предавање на донација од спортски душеци – татами и кимона наменети за опремување на џудо салата наменета за обука на полициските кадети и полициските службеници.
Министерот Тошковски подвлече дека оваа соработка произлегува од неодамна потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и министерството за спорт и Меморандумот за разбирање помеѓу Националната џудо федерација и Европската џудо федерација кој беше потпишан на Европското првенство во џудо за кадети кое се одржа во Скопје претходната недела.
„Вложуваме во луѓето, во нивната подготвеност и едукација. Градиме силна и подготвена полиција која ќе одговори на безбедносните предизвици на денешнината и успешно ќе се бори со криминалот. За тоа е потребно и постојана физичка подготвеност која ја обезбедуваме преку унапредување на сите спортски капацитети тука во Центарот за обука така и другите капацитети на МВР. Денес со помош на министерството за спорт и Европската џудо федерација ја опремуваме џудо салата каде кадетите и полициските службеници ќе ја одржуваат својата физичка кондиција и ќе унапредуваат своите вештини потребни за успешно извршување на работата.“, истакна министерот Тошковски.
Тошковски образложи дека преку оваа соработка планирани се програми за физичка обука базирани на џудо за полициски службеници во насока на подобрување на самоодбраната и целокупната физичка подготвеност и соработка во многу други активности кои го промовираат спортот, дисциплината и здравото живеење.