Македонија
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и единаесетта година по ред доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Годинава доделени се 40 нови стипендии на 12 студенти на Фармацевтскиот и 28 студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје,.
Согласно со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2018/2019 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од Kомисиите за распределба на стипендии. Во составот на комисиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.
Согласно со програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, во висина од 1 200 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократна парична награда ќе добијат: Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет, со просек 9,83, кои се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Во насока на исполнувањето на начелата за општествена одговорност, работењето на Фондацијата за компанијата ‘Алкалоид’ и за мене лично, претставува особена гордост. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација. Како компанија, особено сме горди што во изминативе 11 години имаме вложено над 1,35 милиони евра во стипендирање идни лекари и фармацевти; за 9 години дониравме над 24 000 евра за награди на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, а преку хуманитарните настани организирани под закрила на Фондацијата во изминативе 8 години дониравме околу 115 000 евра“ – изјави г. Живко Мукаетов, претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД Скопје“.
Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 458 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2018/2019. Од нив, 185 студенти по фармација и 160 по медицина се веќе дипломирани. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година.
Од 2009 година до денес својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот Фармација ја започнале 69 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 64 студенти од Фармацевтскиот факултет и 5 студенти од Медицинскиот факултет.
Стипендијата изнесува 6 500 денари во текот на 12 месеци. Имињата на стипендистите ќе бидат објавени во печатените медиуми, а Извршната канцеларија на Фондацијата ќе ги контактира за потпишување договори за стипендирање.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје во мај 2007 година. Фондацијата има за цел стипендирање, донирање и финансирање талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области. Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

