Македонија
Формирана Интерпартиска парламентарна група за поддршка на правата на Ромите

Симболично, на големиот празник за Ромите – Ѓурѓовден, денеска беше формирана Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија.
Во оваа Група ќе бидат застапени членови од сите политички партии во Собранието, а за претседател на Групата е избран пратеникот Игор Здравковски, додека за негови заменици – пратениците Амар Мециновиќ и Арбана Пашоли.
Иако во актуелниот парламентарен состав нема Роми, сепак оваа Група ќе продолжи да ги застапува граѓаните од оваа припадност.
Здравковски информира за статистичките бројки во однос на образованието, невработеноста и институционалната вклученост на Ромите, кои се поразителни. Токму затоа, потребни се дополнителни напори за издигање на состојбата на ромската заедница во државата.
На конституирањето на Групата во овој мандат, присуствуваше и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој го поздрави истото и покажа интерес за активно вклучување во подобрување на правата на Ромите.
„Оваа седница нека биде повик кон нашата совест системски да ги решаваме проблемите на Ромите“, рече Гаши. Сето ова, додаде тој, во насока на почитување на Уставот, кој ги третира сите граѓани подеднакво и пратениците како најповикани, треба да дадат максимални заложби за никој во државата да не се почувствува дискриминиран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов многу топло време, со локален дожд

Во деновите од викендов ќе се задржи многу топло време, информира УХРМ.
Утре ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени.
Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
ЗНАМ конституира Градска организација: „Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета“

Официјално се конституира Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје. Од Движењето велат дека овој чекор не е само формалност туку е почеток на една сериозна, силна и решителна политичка борба.
„Ова е гласна порака, од срцето на државата, од главниот град Скопје, дека промената што ја бараат луѓето насекаде низ Македонија, веќе добива своја форма, своја структура и своја сила. За претседател едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, Магистер по електротрехника и информациски технологии дипломиран електро инженер, актуелен заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со претходно долгогодишно искуство на разни менаџерски позиции во автомобилската индустрија и електро енергетиката“, велат од ЗНАМ.
Дел од Градската организација се професори, архитекти, лекари, уметници, спортисти, претприемачи, активисти…
„Совеста, знаењето и духот на Скопје – овие граѓани на нашиот град – ја избраа вистинската промена со Движењето ЗНАМ. Овие храбри и одважни луѓе не се партиски послушници ниту политички марионети. Тие не се функционери по задача, ниту сенки на некои центри на моќ. Ова се личности со непобитен кредибилитет, со изграден авторитет и биографии кои вредат многу повеќе од празните изборни ветувања. Тие се оние што долго време беа разочарани, отуѓени и тивки“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека потиснат од алчност, поделби и тивка диктатура, Скопје го изгубило сјајот, но не и силата.
„Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета ниту пак заложник на тајни коалиции во политичкиот театар на елитите. Од денес, Градската организација на ЗНАМ – Скопје станува бастион на слободата, креативноста и урбаната визија. Ќе бидеме платформа за секој кој има идеја, решение и љубов кон својот град. Ќе проодолжиме да бидеме чувари на јавниот интерес. Ќе им го вратиме градот на неговите жители – без елитизам, без поделби и без скриени агенди“, велат од ЗНАМ.
Македонија
Во Илинден се одржа меѓународен фолклорен фестивал „Св.Троица“

Во амфитеатарот при Домот на култура „Илинден“ во Општина Илинден, се одржа единаесеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Троица“. Организатор на фестивалот е КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, под покровителство на Општина Илинден.
Фестивалот започна со свечено дефиле, на кое сите учесници, придружувани од звуците на зурли и тапани, тргнаа од основното училиште „Гоце Делчев“ и се упатија по главната улица во Илинден, преку кружниот тек каде беше одиграно најголемото интернационално оро, па сè до Домот на културата „Илинден“, каде се одржаа настапите. На сцената продефилираа фолклорни ансамбли од Романија, Бугарија, Словенија и Србија, како и ансамблите КУД „Гоце Марковски“ и АНПИ „Илинден“ од Скопје.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на гостите како признание за придонесот во зачувување и промоција на културата, но и како трајно сеќавање за учество на фестивалот им додели пригодни подароци со главното обележје – грбот на Општина Илинден. Градоначалникот нагласи дека Општина Илинден ќе продолжи да го поддржува ширењето и чувањето на културното богаство.
„Целта на овој фестивал е токму преку фолклорот да се зближат народите и да се поттикнат нови пријателства. Но, и младите да се едуцираат како за убавините на македонскиот фолклор, култура и традиција, така и за културите на другите земји“, велат од Општина Илинден.