Македонија
Формирано одделение за сериозен и сложен криминал во ОЈО
Во координација со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје донесе дополнување на Годишниот распоред за работа на јавните обвинители во тоа обвинителство, со кое формираше посебно одделение за сериозен и сложен криминал.
Ова одделение ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги, сложени предмети со поголем број кривични дела, обвинети или обем на докази и предмети од исклучителен интерес на јавноста.
Со одделението формирано согласно член 15 и член 25 од Законот за јавното обвинителство ќе ракови јавниот обвинител во ОЈО Скопје Владимир Милошески, а покрај него се распоредени уште седум јавни обвинители од скопското обвинителство со повеќегодишно искуство во постапувањето против вакви кривични дела.
Oд Обвинителството информираа дека потребата од организациска промена во работата на Основното јавно обвинителство Скопје и формирањето на новото одделение се наметна поради забележаните состојби и приливот на предмети во текот на 2024 година, кои опфаќаат сериозни и сложени облици на криминал изразени преку неколку индикатори:
– Измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, предизвикаа промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од КЗ се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје.
– Понатаму, земена е предвид измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги
– При тековното предметно работење и следење на состојбите по однос на криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено поврзани со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје. Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела. Имајќи предвид дека сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал.
– Одделението со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.
Се додава дека крајната цел на новоформираното одделение е адекватна кривично – правна заштита на граѓаните и ефикасен институционален одговор на сложените облици на кривични дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Недостасуваа 13 милиони евра за да се доврши експресниот пат Градско – Дреново
Работниците беа повлечени и активности на терен немаше, не беа решени косините и недостасуваа околу 13 милиони евра за да се доврши реализацијата на овој експресен пат, истакна вицепремиерот Николоски на пуштањето во употреба на експресениот пат Градско – Дреново.
Но со посветен работа, со огромна подршка на премиерот успеавме за месец дена да го решиме тоа што претходната влада не успеа за година и половина и денеска да имаме завршен експресен пат, додаде вицепремиерот Николоски.
“Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендума, Адендум 3 и 4, кој што беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија која што ќе ги спроведува.
Новата Влада за само месец дена ја формираше Комисијата, истата се формираше на крајот од јули, во тек на август се работеше на содржината на овие два адемндуми и на 12 септември проблемите се решија. Од 12 септември до буквално Нова година се работеше, се заврши комплетно и сакам да честиттам на сите бидејќи имаме експресен пат.
Овие работи треба да се кажат бидејќи народот треба да знае кој работи а кој не работи. Овој пат денеска што го гледате е реален и не е направен со вештачка интелегенција како што го имаше во одредени пропагандни спотови во изборите и ова е најдобра подршка зошто оваа влада треба да биде подржувана од народот за уште поубави проекти”- се обрати пред присутните вицепремиерот Александар Николоски.
Македонија
Се очекува и утре да вее снег – прогноза за времето до крајот на неделата
Времето до крајот на денот ќе биде облачно со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Ќе има услови за појава на голомразица и снежни наноси.
Утре не’ очекува променливо облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 5 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно и студено со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Во четврток претпладне ќе се задржи претежно облачно и студено време со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.Попладне насекаде врнежите ќе престануваат. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во петок и за време на викендот ќе преовладува стабилно време со пораст на дневните температури. Утринските температури во текот на целиот период насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштаат и под -10 степени. По некои котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури.
Македонија
Владата ги повика на консултаци невладините организации за Извештајот за состојбата
Владата денеска упати јавен повик до невладините организации да земаат активно учество во изготвување на Извештајот за условите во кои работеа невладините организации во 2024 година.
Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат на Владата од 2005 година, кое се грижи за унапредување на условите во кои работи невладиниот сектор, бара тие да помогнат во оценување на спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество.
Во повикот од невладините се бара да го пополнат прашалникот за мерење на вредностите на индикаторите од Акцискиот план на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2025 година, информираа од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење.
Целта на вклучување на невладините организации е Извештајот да биде реален и да даде објективен приказ на состојбите во граѓанското општество.
Прашалникот е јавно достапен на веб страната, кој можат да го пополнат сите регистрирани невладини организации во земјата најдоцна до 25 јануари годинава.