Македонија
(Фото) Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.
Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.

Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.

Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.

„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.

Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

