Македонија
(Фото) Откриени повеќе обиди за шверцување: запленети фотоапарати, М-ТАГ апарати, цигари, дрога, автоделови, облека и фалсификувана стока
Во текот на минатите две недели, од страна на мобилни царински тимови откриени се повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани:
– 2 употребувани фотоапарати SONY и CANON со објективи од 50 мм кои при контрола на автобус кој сообраќал на редовна линија Брисел-Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце, биле пронајдени сокриени во ќеса над првите седишта. Вредноста на апаратите е проценета на 87.300 денари, а избегнатите давачки се во износ од 20.864 денари.
– При контрола на стока со потекло од Кина наменета за фирма од Скопје, а пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија, откриени се 662.4 м2, керамички плочки кои не биле опфатени со царинските документи.
– Во друг случај, во делот за товар на возило пикап кој бил запрен за контрола во близина на граничниот премин Блаце, биле пронајдени 20 употребувани делови за BMW X5 (хауба, браник, поткрила, полуосовини, зглобови, амортизери, врата, халогенки, фар, воздушно пернилче и друго).
– Автобус со турски регистарски таблици е запрен на наплатната рампа Петровец и однесен до царинската испостава Скопје 4 со цел да се изрши детална контрола. Притоа е откриено дека внатрешноста на компресорот за климатизација е празна и прилагодена за криумчарење стока.
– При личен претрес на сопатничка во автомобил на влез во државата на граничниот премин Табановце, пронајдени се 2 грама кокаин завиткани во најлонска кесичка.
– 1.632 играчки со ознаки на заштитена трговска марка, биле пронајдени при контрола на стока со потекло од Кина сместена во јавен царински склад и пријавена за увозно царинење. Играчките се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.

– 39 парчиња облека и 3 женски чанти се пронајдени во две кутии кои биле сместени на седиштата на патничко комбе кое се пријавило за влез во државата на граничниот премин Табановце. Вредноста на производите изнесува 137.000 денари а избегнатите давачки се во износ од 52.773 денари.
– Царински инспектори од Службата за мобилни скенери на влез во државата на граничниот премин Богородица откриле непријавени 11 штеки цигари без акцизни маркички под возачкото седиште, на задното седиште и во багажникот на автомобил. Вредноста на цигарите изнесува 12.262 денари, а избегнатите давачки се во износ од 21.830 денари.
Во два одвоени случаи од страна на царински службеници на граничниот премин Ново Село откриени се:
– 45 М-ТАГ апарати за плаќање патарина кои биле сокриени во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на апаратите изнесува 69.255 денари а избегнатите давачки се во износ од 9.676 денари.

– 1 турбина марка BorgWarner 14G25-0037 е пронајдена во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на турбината изнесува 69.255 денари, а избегнатите давачки се во износ од 15.436 денари.
На граничниот премин Богородица во два одвоени случаи откриение се 240 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка и 59 машки џемпери.
– Во првиот случај, при контрола на камион кој бил пријавен за влез во државата, пронајдени се 240 пара патики со ознаки на заштитена трговска марка. Стоката е задржана поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост.
– Во вториот случај, во внатрешноста и во багажникот на автомобил, пријавен за влез во државата, биле пронајдени непријавени 59 машки џемпери.
Царински службеници на влез во државата на граничниот премин Дојран, открија 134 текстилни производи и 232 парчиња бижутерија. Стоката била пронајдена во ќеси кои биле сместени на задните седишта и во багажникот на автомобил. Вредноста на непријавените производи изнесува 47.270 денари, а избегнатите давачки се во износ од 17.882 денари.
На граничниот премин Табановце пронајдени се 57 парчиња облека во две патни торби кои биле сместени во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата. Вредноста на непријавената стока изнесува 98.500 денари, а избегнатите давачки се во износ од 35.946 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Се воведува истражувачко новинарство во наставата по Граѓанско образование за 8. и 9 одделение
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.
Модулот за истражувачко новинарство е вид на практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
„Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока“, рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.

