Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова: Мора да го искорениме плевелот на корупцијата и криминалот, време е за нова пролет на нашата македонска република

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Во својот говор, Сиљановска-Давкова рече дека е „време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени“.
„Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, истакна претседателката.
Таа додаде дека „мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот“.
„Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност“, вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.
Претседателката се осврна и на пожарите.
„Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето“, вели претседателката.
Сиљановска-Давкова истакна дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.
„Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!
Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.
Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.
Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За една недела, „пајакот“ кренал 74 возила во Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 28.07. до 02.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 74 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
Бизнисменот Душко Чифлиганец загина во несреќа со мотор

Младиот бизнисмен Душко Чифлиганец загина на 32-годишна возраст во несреќа со мотор во Брно, Чешка.
Тој е син на познатиот стопанственик и универзитетски професор Ванчо Чифлиганец и беше заменик-претседател на „Адора бизнис-групацијата“.
Чифлиганец беше љубител на спортскиот мотоциклизам.
Македонија
Активни четири пожари во Македонија

До 07:00 часот утрово регистрирани се 23 пожари во Македонија, од кои четири се активни, два се под контрола, а 17 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.
Активни пожари: 4
1. Општина Чашка: над Богомила (мешана шума)
2. Општина Липково: помеѓу с. Ваксинце – с. Слупчане (нискостеблеста шума)
3. Општина Студеничани: с. Дречавица (шумски пожар во планина)
4. Општина Македонски Брод: с. Грешница (деградирана нискостеблеста шума)
Пожари под контрола: 2
1. Општина Долнени: с. Стровија, зад место викано Гајдарец – Клепало (нискостеблеста шума)
2. Општина Желино: с. Церово (мешана шума)
Изгаснати пожари: 17
1. Општина Берово: Планина Готен кон Малешевските планини (бор, бука, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Брвеница: с. Милетино (запалени ниви)
3. Општина Струмица: с. Доброшинци (депонија)
4. Општина Гевгелија: с. Прдејци (ниска вегетација)
5. Општина Куманово: Стара Циглана (ниска вегетација)
6. Општина Крушево: Градски гробишта Игумења (ниска вегетација)
7. Општина Долнени: с. Дебреште (депонија и ниска вегетација)
8. Општина Струга: помеѓу с. Долна Белица – с. Велешта (ниска вегетација)
9. Општина Студеничани: мостот на Маркова Река (ниска вегетација)
10. Општина Сарај: (сува трева и ѓубре)
11. Општина Сарај: с. Рашче (мешана шума)
12. Општина Сарај: с. Буковиќ (нискостеблеста вегетација)
13. Општина Арачиново: до Обиколница (ниска вегетација)
14. Општина Кисела Вода: с. Горно Лисиче (ниска вегетација)
15. Општина Чучер Сандево: Качанички пат (ниска вегетација)
16. Општина Прилеп: с. Алинци (депонија)
17. Општина Прилеп: позади маркет „Стибера“ (ниска вегетација)
18. Општина Студеничани: на стариот пат за с. Батинци (ниска вегетација и ѓубре)
————————