Македонија
Фронт 21/42 : Каква игра игра власта со новиот Закон за управување со Охридскиот регион?

Како се приближува рокот за исполнување на препораките од УНЕСКО, така манипулациите и игрите на актуелната власт со нашето најголемо природно и културно богатство стануваат сè поочигледни, а нивните одговори сè поапсурдни и очигледно невистинити, се вели во реакцијата на Фронт 21/42.
„Во ова ‘размислување на глас’ се фокусираме на темата ‘зошто го релативизираат и одолговлекуваат донесувањето на новиот Закон за управување со Охридскиот Регион’?
Според неодамна објавениот Акцискиот план за спроведување на Планот за управување со Охридскиот Регион, донесувањето на Законот за управување се планира до крајот на 2020 година. Истиот закон за кој актуелната власт во јули 2019 доби пофалба од УНЕСКО дека го усвоила! Минатата недела, на брифинг за новинарите на кој Владата го презентира ‘напредокот во исполнувањето на препораките од УНЕСКО’ на новинарско прашање зошто е повлечен Законот за Охридскиот Регион, министерот Адеми (одговорен за УНЕСКО и предводник на делегацијатаво Баку) даде одговор кој нема никаква логика – законот го повлекле ‘затоа што во меѓувреме општините донеле одлуки за мораториуми’ .
Одговорот на Адеми не само што нема никаква логика (значењето на законот не е само да воспостави мораториум, дополнително што истиот е многу поинаку регулиран во Законот отколку во општинските одлуки ), туку е уште една во низата флагрантни и многу очигледни невистини на оваа Влада – одлуките за т.н. мораториум општините не ги донесоа ‘во меѓувреме, по што Владата решила да го повлече Законот’, туку половина месец откако
Законот веќе беше повлечен од страна на Владата. Инаку, истиот министер пред цела меѓународна јавност во Баку ги презентираше ‘сериозните заложби на оваа Влада за зачувување на УНЕСКО-подрачјето’, меѓу останатите и „изработениот нацрт-план за управување и консултациите со јавноста за Извештајот за стратешка оцена кои се
во тек“ (на 3.7.2019) – овие консултации сега, кои всушност почнаа три месеци подоцна, на 2.10.2019″, се вели во реакцијата.
Според Фронт 21/42, стариот закон нема одредби кои упатуваат на прекршоци од областа на градењето и урбанизмот, така што сè додека е на сила стариот Закон нема правен механизам да се спречат и/или казнат прекршувањата на одлуките за мораториум, и/или на пример градење во строго заштитената зона.
„Во стариот нема ниту надлежен орган кој има законска ингеренција да врши инспекциски надзор на спроведувањето на мораториумот – во новиот Закон ова е јасно дефинирано. Не веруваме дека е случајно што во одлуките за ‘мораториум’ на двете општини е избегнат токму овој елемент – што ако не се спроведува и кој врши надзор (и
казнување) за неспроведувањето.
Во новиот Закон за Охридскиот Регион членот кој го уредува мораториумот навистина ја спроведува препораката на УНЕСКО – се однесува на сите урбани и крајбрежни трансформации, вклучувајќи ги и оние за кои се издадени решенија за градби и усвоени планови. Во одлуките на општините т.н. мораториум не се однесува на ваквите проекти и планови, како ни на серија други зафати (катни гаражи, паркиралишта, споменици, плоштади, итн.). „Мораториумот“ на општините не споменува ни можни трансформации „на мала врата“ и без учество на јавноста, како оние усвоени со
општ акт (урбанизација на Елшани)”, наведуваат од здружението.
Според нив, новиот Закон за Охридскиот Регион не само што ја дефинира содржината на Планот за управување, туку и начинот на неговото донесување, како и Совет кој ќе се грижи дека планот се почитува, односно ќе управува со регионот. Според новиот Закон, треба прво да се формира Советот, а потоа да се пристапи кон изработка на Планот. Во изработката и донесувањето на Планот, според новиот Закон, Советот (под претпоставка дека ќе биде составен од стручни лица) има клучна улога, исто и во неговото спроведување и мониторинг; јасно се дефинирани одредбите за транспарентност и отчетност во работењето на нејзините членови, како и губењето на статусот и исклучување на член на Советот. Новиот закон дефинира изготвување на годишен извештај за спроведување на Планот со учество на јавноста.
„Во отсуство на претходно формиран Совет, јасно дефиниран во закон, Планот за управување не е ништо повеќе од ‘листа на желби’ без никаква употребна вредност – кој ќе го спроведува, по кои правила, за што и како ќе одговара ако не се спроведува (итн.)?
Со други зборови, власта си дава една година вакум во кој (ко за пред УНЕСКО и сите гледачи на вести по дома) ќе има План за управување, одлуки за мораториум, регистар на дивоградби, итн. а во реалноста ќе се продолжи со реализација на сè што е испланирано, договорено, ветено… Ем волкот сит, ем овците на број.
Само што природата, автентичноста на пределот и културното наследство, вистинските исклучителни универзални вредности кои ги нема ниту едно друго место на планетава не се апстрактни концепти чија состојба ќе се подобри благодарение на кулата од карти што ја гради актуелната власт. Без разлика колку успешно ќе успеат да ја прикажат како цврста градба. Да не дозволиме да ни го уништат и нам и на нашите деца и внуци највредното!, се вели во реакцијата.
Фронт 21/42 бара Владата итно да пристапи кон финализирање на Законот за управување со Охридскиот Регион (да ги исклучи спорните одредби) и да го испрати на усвојување до Собранието, односно доследно да го почитува законски регулираниот начин на носење правни прописи. Дури по усвојување на Законот да ја започне постапката за носење на Планот.
„Пред сето ова, општина Охрид и Струга да ги ревидираат своите одлуки за т.н. мораториум и вистински да воведат мораториум на сите урбани и крајбрежни трансформации, а општина Дебарца конечно да донесе ваква одлука. Апелираме до сите граѓани кои сакаат да го зачуваат единственото УНЕСКО-подрачје во земјава. Додека го пишувавме овој текст се појави нова верзија на ‘мораториумот’ во општина Охрид – сега не важи ни за ‘отпочнатите постапки за отуѓување на градежно земјиште’. Одлуката е донесена на 26.09.2019, а Службениот гласник со истата е објавен на интернет на 7.10.2019.
Отуѓување на градежно земјиште значи дека општината дава нејзино градежно земјиште на некој (инвеститор) да гради наместо неа за одреден финансиски надомест, со други зборови еден чекор кон ново градење.Во истиот Службен гласник може да видите и дека општината одобрила нови градби и поголема катност – ова е јасно прекршување на препораката за мораториум од УНЕСКО, но сосема во согласност со одлуката за ‘мораториум’ на Општина Охрид”, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски од Мала Преспа: Македонскиот дух тука живее силно и гордо

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков се во посета на Македонците во Мала Преспа каде присуствуваат на фестивалот „Македонско културно лето“–симбол на истрајноста и духот на македонската заедница во Албанија.
„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колевски со кого разговараа за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион“, истакна министерот Тошковски.
Присутните вечерва имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, заврши министерот Тошковски.
Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена од чесност и срце, со уверување дека СДСМ треба да се врати таму каде што и е местото.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира по инерција или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека не може да молчи кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има целосно прецизна стратегија со цел обединување авторитети.
Конечната одлука за неговото идно делување, Костадинов, ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.