Македонија
Хелсиншки комитет предлага да се промени начинот на кој функционираат навивачките групи
Двата инцидентa во една седмица, предизвикани од навивачка група во Скопје, се најсвежи меѓу бројните докази дека повеќе не смее да се игнорира потребата од вистинско справување со овој деструктивен феномен, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Со години реагираме на инциденти предизвикани од навивачки групи, го следиме говорот на омраза што излегува од нивните редови и ги броиме жртвите од насилството, кое е неминовна последица на огромните количини излеана омраза на стадионите, улиците, плоштадите, медиумите… За последните настани реагиравме со поднесување пријави до МВР и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика“, се наведува во соопштението на Хелсиншки, од каде воедно ги охрабруваат жртвите да ги пријавуваат ваквите инциденти на омраза.
Потсетување, соопштението на Хелсиншкиот комитет се однесува на инциденти поврзани со навивачката група „комити“, чии членови пред една недела беа осудени од првиот вицепремиер Артан Груби за недолични скандирања во пресрет на натпреварот со „Шкупи“.
Викендов беше регистриран уште еден сличен инцидент во населбата Ѓорче Петров каде што дел од членовите на групата насочија недолични скандирања кон група граѓани од албанска етничка припадност.
Од Комитетот посочуваат дека од прогласувањето на глобалната здравствена пандемија на Ковид-19 и прогласувањето на вонредна состојба во државата, бројот на пријави за говор на омраза драстично се зголемил, особено говорот на омраза врз основ на етничка припадност.
„Во 2019 година во периодот од 16 март до 20 септември Хелсиншкиот комитет регистрираше вкупно 379 пријави поврзани со говор на омраза, од кои 130 пријави за говор на омраза врз основ на етничка припадност. За споредба, оваа година за истиот временски период регистрирани се 662 пријави, од кои 353 кои се однесуваат на говор на омраза врз основ на етничка припадност, што воедно претставува зголемување за околу 280% во споредба со лани“, се нагласува во соопштението во кое се додава дека изминатиов период на платформата „Злосторства од омраза” регистрирани се четири инциденти случени пред и за време на спортските натпревари кои вклучуваат елементи на дела од омраза со етнички предзнак.
Од Хелсиншки сметаат дека покрај строгото санкционирање од страна на институциите, од подеднаква важност е и директната работа со припадниците на навивачките групи, решавање на конфликтите на ненасилен и мирен начин и давањето поттик за да се преобмисли нивното постоење во конструктивна насока.
„Најважно од сè, неопходна е политичка волја за да се изведе еден ваков процес, кој би значел гасење на еден голем генератор на омраза во општеството, што ќе има долгорочни позитивни ефекти за сите граѓани во државата и за нејзината стабилност. Многу хулигански навивачки групи низ Европа денеска се конструктивен дел од заедницата, а насилството и дивеењето ги заменија со хуманитарни активности и поддршка на позитивни каузи“, истакнуваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитровски: Билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска, во Белград, учествуваше на вториот дел од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Централноевропска иницијатива (ЦЕИ) во рамките на српското претседавање со иницијативата.
Фокусот на годинешните дискусии беше ставен на стратешката важност за изнаоѓање модалитети за зајакнување на регионот на земјите членки на ЦЕИ преку поврзаност, иновации и евроинтеграција.
Истовремено, беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ не е само технички процес – тоа е геополитичка неопходност. „Процес кој е предвидлив, базиран на заслуги и со поголема вклученост на земјите кандидатки во политичките дијалози, програми и иницијативи на ЕУ, би дал посилна политичка порака и ќе може да се спротивстави на фрустрацијата и скептицизмот кај граѓаните во регионот“, нагласи Димитровски.
Особено акцентирајќи ја нашата позицијата, Димитровски укажа дека нашата земја има потреба од поверодостоен, конзистентен и сигурен процес на пристапување.
„Владата останува целосно посветена на европскиот пат барајќи конструктивни решенија базирани на компромис преку дијалог со нашиот сосед, Република Бугарија. Целосно се согласуваме дека билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“, истакна заменик-министерот.
Тој додаде дека билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување, а проширувањето мора да остане базирано на заслуги и на Копенхашките критериуми.
„Потребен е целосно ресетирање во дијалогот со Бугарија со цел обновување на довербата и напредно ориентиран пристап. Комуникацијата и соработката во рамките на проектот за Коридорот 8 е добар пример за билатерална соработка“, заклучи Димитровски.
Во смисла на регионалната соработка, за време на состанокот министрите уште еднаш ја потврдија улогата на ЦЕИ како иницијатива што придонесува за ефективно решавање на актуелните регионални прашања и истовремено претставува цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
Македонија
Гаши: Ниедно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат
Ниедно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 8. пленарна конференција – „Национална конвенција за ЕУ“.
„Моја должност е да нагласам дека меѓу главните забелешки во извештајот беа уставните измени, кои несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Знаете дека уставните процеси и билатералните теми создадоа значителни политички тензии, но сакам повторно да истакнам дека ниедно билатерално прашање не смее да стане пречка на нашиот европски пат. Ние остануваме подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи“, рече тој.
Според Гаши, напредокот на Албанија и на Црна Гора е доказ дека политиката на проширување е жива и дека нашиот регион може да се движи напред.
„За нас, ова е момент за мотивација, а не за притисок“, рече Гаши.
Според него, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата.
„Исто како и пред една година, и денес би сакал да повторам уште еден важен елемент. Во еден турбулентен свет, со конфликти во Украина, на Блискиот Исток и пошироко, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата. Со членството во НАТО создадовме заштита, а со пристапувањето во Европската Унија се стремиме кон изградба на стабилност и одржлив економски, институционален и демократски развој“, рече тој.
Гаши нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде доверлив партнер во овој процес.
„Ние сме посветени на унапредувањето на реформите, зајакнувањето на дијалогот, развивањето консензус и одржувањето на институционалната зрелост во време на предизвици. За нас, европската интеграција не се гради во Брисел, ниту во главните градови на регионот, туку се гради тука, во Скопје, во нашите институции, во нашите одлуки и во нашата подготвеност да ги надминеме политичките разлики во служба на државниот интерес“, рече Гаши.
Македонија
Градоначалникот на општина Гази Баба се откажува од користењето службено возило
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека се откажува од користењето на службено возило
„Никогаш немам дозволено личните привилегии да бидат мотив или водилка во мојата работа. Поради тоа, сакам да ја информирам јавноста дека и во мојот втор мандат се откажувам од користењето на службено возило кое е предвидено за користење на градоначалникот, како и од средствата за репрезентација од буџетот на општината“, вели Стефковски.
Како и во изминатите четири години, додава тој, така и во следните четири, сите службени обврски ќе ги реализирам со моето приватно возило, а службеното возило го отстапувам на администрацијата со цел поефикасна работа на терен.
„Додека сум јас градоначалник во буџетот на општина Гази Баба нема да има место за непродуктивни трошоци. Средствата од буџетот мора да се користат одговорно, домаќински и исклучиво за потребите на граѓаните и за развој на нашата општина“, вели Стефковски.

