Македонија
Цако стана дел од тимот на Град Скопје
Александар Матовски, познат како Цако, од денеска е дел од тимот на Град Скопје. Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција соопшти дека Цако ќе биде ангажиран во одделението за социјална, детска и здравствена заштита бидејќи неговите афинитети се насочени токму во оваа област, а неговите познавања за целните групи ќе помогнат во унапредување на социјалните услуги за граѓаните.
„Нашиот нов колега е лице со Даунов синдром, со високо образование, амбициозен и подготвен за предизвици, подготвен да покаже дека лицата со каква било попреченост можат еднакво да учествуваат во општествените процеси и да се грижат за заедницата. Особено се гордеам што како градоначалник учествувам во уривањето на стереотипите и предрасудите поврзани со овие лица бидејќи сметам дека сечиј капацитет може да се искористи и соодветно да придонесе за развој на општеството. Многу често досега, особено во изминатите две години, преземаме активности со кои докажуваме дека овој град се грижи за сите свои граѓани, без исклучок, и еднакво ги вреднуваме. Во тој контекст минатата учебна година првпат Град Скопје додели парична награда за првенци на генерацијата од градските средни училишта во категоријата особени постигнувања и резултати во процесот на инклузија. Со тоа на лицата со попреченост им овозможуваме еднакви можности за натпревар и признавање на успесите. Исто така, првпат обезбедивме и стипендии за средношколците со попреченост, како и образовни асистенти, кои им помагаат во наставата. Ваквите чекори покажуваат дека ги препознаваме можностите кај секој човек, без разлика дали се соочува со некаква попреченост или не, овозможуваме еднакви шанси за сите и вложуваме за нивен личен и професионален развој“, рече денеска Шилегов.
Тој потсети дека Град Скопје изминативе две години реализира многу нови активности за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и активно се вклучи во деинституционализацијата преку поддршка на малиот групен дом и обезбедување услуги во домашни услови за социјално ранливите категории граѓани.
„Мојата заложба и улогата на Град Скопје за развој и унапредување на инклузивното општество се поддршка за создавање еднакви услови за живеење за сите наши сограѓани. Апелирам до сите да даваме шанса без дискриминација, да се отвориме кон различнoстите и да дозволиме вредноста на секој поединец да биде еднакво третирана и признаена. По некоја случајност првиот работен ден на Цако е всушност и негов роденден. Цако, среќен роденден и добредојде во Град Скопје“, пожела градоначалникот Шилегов.
Цако денеска се заблагодари на укажаната можност и рече дека ќе придонесува со своето искуство од областа на социјалните работи стекнато во повеќе европски земји. Тој особено им се заблагодари на својата сестра Марија и на своето семејство, од кои ја добива најголемата поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

