Македонија
Царовска: Го јакнеме кадарот во детската заштита, за неполна година обезбедени 1.025 вработувања во градинките
Министерството за труд и социјална политика последниот месец обезбеди 126 нови вработувања во градинките во Македонија, од кои повеќето се на неопределено време. Со ова последна согласност, од почетокот на годината досега, МТСП преку Министерството за финасии обезбеди средства општините да вработат 1.025 воспитувачки, негувателки и друг персонал во детската заштита. Од нив, 975 се на неопределено, а 68 на определено време, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, ја посети градинката „Орце Николов“.

Ова е една од установите каде што има 24 нови вработувања. Од нив, 18 се на неопределено време, а 6 се замена на вработени што користат породилно или подолготрајно боледување и се на определено време, потенцира Царовска за време на својата посета.
„Бројките говорат дека оваа Влада посветено работи на подобрување на условите и на кадарот, каде што се згрижуваат најмалите. Драстично ги намаливме договорите на дело и трајно го вработуваме персоналот што ги чува децата затоа што секое дете ни е важно, но важен ни е и кадарот на кој сакаме да му го вратиме достоинството. Со ваквиот чекор ја прекинуваме праксата од минатото кога, изигрувајќи ги позитивните прописи, илјадници лица беа ангажирани со договори на определено време, договори за дело или ангажирани заради итни и неодложни работи, држени во неизвесност за да се користат за политички цели“, изјави министерката Мила Царовска.
Во соопштението на МТСП испратено по средбата се посочува дека исто така Министерството интензивно работи на градење систем на вработени преку кој би се постигнал професионален и кариерен развој на вработените.
„Со овој систем перманентно ќе работиме на подобрување на квалитетот на услугата на вработените во областа на детска заштита. Системот на работни места на вработените е поврзан и со зголемување на нивните плати и соодветно вреднување за секое постигнато ниво на професионален развој на секој вработен. Обезбедено и е зголемување на платите, односно сите 4.338 вработени со септемвриската плата исплатена во октомври добија и покачување од 5 отсто“, наведуваат од Министерството за транспорт и врски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

