Македонија
Царовска: Делови од Драмскиот театар се реновираат за првпат по многу години
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозоски, придружувани од директорката на театарот, Катерина Коцевска, денеска извршија увид во тековните активности за реновирање во Драмскиот театар во Скопје.
Царовска рече дека за првпат по многу години одредени делови на Драмскиот театар се реновираат и освежувааат, се создаваат нови содржини кои ќе им бидат достапни на граѓаните и се отклонуваат одредени небезбедни предмети, кои со години непотребно стоеле во театарот.
„Она што е важно за културата и што мора да се истакне, а кое го осознавме преку дискусија со актерите и со вработените, во овие изминати две и пол години се смени начинот на кој културата се обраќа кон граѓаните. Конечно, во сите содржини на театарот, во целиот репертоар се воведени современи, европски вредности, значајни за сите граѓани, а особено за луѓето кои партиципираат во културниот живот“, посочи вицепремиерката по обиколката на Драмскиот театар и средбата со директорката Катерина Коцевска и дел од вработените.
Царовска се осврна и на условите за актерите и вработените во културата и посочи дека за првпат по 2005 година, во културата се донесе нов колективен договор, со што се овозможија значително подобри услови за работа на културните работници.
„За да можеме да имаме добри услови за културните работници, за да може тие креативно да се изразуваат, мора и да вложиме финансиски средства за плати, достоинствени за нивната професија. Токму затоа, минатата година се направи покачување, нивелирање на платите во културата, со што 90% од вработените добија покачување на платите, кое просечно изнесува 13,9%. Уште поважно од покачувањето на платите е тоа што за првпат се воведе исплата на еднаква сума за еднакво извршена работа со еднаква сложеност, тоа е големо достигнување. Сметам дека во наредниот период треба да вложуваме во културата уште повеќе. Сите овие културни објекти имаат своја душа, имаат потреба за грижа и нови инвестиции, за да може да реализираат квалитетна програма, претстави и за децата и за возасните, преку кои ќе се промовираат новите, европските вредности, современоста, а не да се обидуваме да ги вратиме неколку века назад“, рече вицепремиерката Царовска.
Директорката на Драмски театар, Катерина Коцевска, посочи дека по долго време се прават инфраструктурни зафати на театарот.
„На пример 13 години имавме скршени стакла на прозорците, за коишто нè опоменуваа дека имавме натпис каде што пишуваше дека е забрането да се поминува покрај нив, поради стаклата. Побаравме средства од Министерството за култура и, за наша голема радост, истите се одобрени, за витални работи кои ни се потребни. Тоа се замена на скршените стакла, замена на стаклата во канцелариите, влезот во театарот, како и најважното за нас, а тоа е сцената, која е непроменета преку 60 години, односно од денот кога е направен театарот. Со сопствени сили, волја и љубов направивме и некои визуелни промени, уредување со цветни аранжмани, уредување на заедничка просторија за дружба, сопствена библиотека, го искористивме овој период кога не можеме да имаме претстави и проби, за да го рехабилитираме просторот“, нагласи директорката на Драмскиот театар, Коцевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.

