Македонија
Царовска: Првпат е отворено засолниште за жртвите на сексуално насилство
Привремените мерки за заштита од семејно насилство и добрите пракси и предизвици беа тема на денешната дебата по повод 16 дена активизам, на која присуствуваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Системот за превенција, за да спречи каква било форма на насислтво врз жените и девојките, мора да вклучи работа и со сторителите на насилството. Работиме на унапредување и унифицирање на системот за постапување, изготвени и усвоени се стандарди и процедури за сите форми на насилство во соработка со граѓанскиот сектор. Првпат е отворено засолниште за згрижување жртви на сексуално насилство, а заедно со Министерството за здравство, отворени се 3 центри за жртви на сексуално насилство во состав на здравствените установи во Куманово, Тетово и во Скопје “, рече министерката Царовска на денешната дебата, организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување како дел од проектот „Советувалиште за превенција од употреба на дроги и семејно насилство“, поддржан од Град Скопје.
Министерката изрази голема почит и благодарност кон сите оние што секојдневно работат да им овозможат помош и поддршка на жените жртви на насилство. Потсети дека неодамна Владата го усвои акцискиот план за спроведување на истанбулската конвенција за периодот 2018-2020 година и на иницираните измени на Кривичниот законик, но и на подготовката на предлог-законот за родово засновано насилство, кои се прават во соработка со Министерството за правда.
На дебатата присуствуваа и преставници од Министерството за внатрешни работи, судии и граѓански организации, кои работат на случаи поврзани со насилство врз жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

