Македонија
Царовска: Наставниците мора да имаат стабилна работа, а не да се користат како гласачка машинерија
Министерката за образование, Мила Царовска, денеска, на седницата за пратенички прашања, рече дека во Министерството во моментот се разговара за системот на вработување на наставниците.
„Да не заборавиме, наставниците беа држени постојано на кратол синџир од претходната власт, на 10 часа, 3 часа, 5 часа, во 10 училишта по еден час, сè со цел да бидат принудени на следните избори да гласаат. Ние тоа го менуваме. Наставниците мора да имаат стабилна работа, наставниците треба да се чувствуваат сигурно, наставниците треба да имаат кариерен развој“, рече Царовска.
Министерката посочи дека првпат по 12 години дискусија за кариерен развој на наставниците во основно образование, вчера Владата донела одлука за распределба на наставници ментори и утврдила буџетски средства.
„12 години ги лажеа, дискутираа, ги ставаа во колективен договор и никогаш не издвоија финансиски средства за ние да можеме да имаме кариерен развој на наставниците. Тоа ние ќе го направиме наредната година. Во јануари се распишува огласот и секоја општина ќе добие наставник ментор затоа што наставниците се срцето на образованието и ќе инвестираме како во учениците така и во наставниците“, рече Царовска.
Претходно, во обраќањето министерката истакна дека со новата концепција за основно образование се одговара и на уште едно барање на наставниците – да имаат поголема автономија во наставата, нешто што, како што рече, не е пракса сега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси
Амандманот на државниот буџет за 2025 предложен од пратеници од СДСМ, со кој треба да се обезбедат 50 милиони денари за набавка на еколошки автобуси, кои треба да се поделат на општини со организиран јавен превоз, беше одбиен од заменик министерот за финансии и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во расправата по амандманот истакна дека во буџетот не се предвидени средства за набавка на еколошки автобуси, што беше образложение на власта за одбивање на амандманот.
„Основната лекција во креирање буџет е да има приходна и расходна страна, ако на приходната страна нема пари, не може да има трошок на расходната страна. Велите гледаме да купиме 120 автобуси, а ги нема ви буџетот, како 35 милиони за Мајка Тереза универзитетот, што ги најдовте, а во буџетот се предвидени одвај 100.000 евра“, рече Битиќи.
Тој истакна дека денеска тие шест еколошки автобуси, не изникнаа, тоа пред 5 години е влезено во програмирање, така се води држава, една партија почнува, друга ќе продолжи, тоа е нормален начин.
„Вашата градоначалничка во Скопје, требаше да купи 250 еколошки автобуси, па БРТ, за да денеска нема ни БРТ, ни еколошки автобуси, гледаме дали Белград ќе ни даде. Не само да кажуваме дека планираме, три години видовме во Скопје како се планира, и како не се купуваат 250 автобуси, порача пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, на собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Поради сообраќајна незгода, во прекин сообраќајот на патот Велес-Градско
Од 18:40 сообраќајот на регионалниот пат Велес-Градско е во прекин поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Лукаревска: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за прочистување на Дојранското езеро
ВМРО-ДПМНЕ одби уште еден амандман на СДСМ, со кој беше предложено да се обезбедат средства за изградба на колекторскиот систем во општина Дојран. Овој проект е од суштинско значење и за санитарните и за еколошките услови во општината, особено за заштитата на водата во Дојранското езеро, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на комисијата за финансирање на буџет.
– Со овој колекторски систем ќе се овозможи собирање и прочистување на отпадните води, пред нивното испуштање со што ќе се спречи загадувањето на езерото и ќе се подобри квалитетот на водите, придонесувајќи за заштита на природната средина, рече Лукаревска.
Таа објасни дека со реализација на овој проект општина Дојран ќе го зајакне својот туристички потенцијал, ќе има позитивни економски ефекти, а ќе се зголеми и квалитетот на живот на локално население.